1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Посета со извонредно значење

Американскиот претседател Барак Обама ја заврши својата прва историска посета на Африка, со порака до Африканците дека треба да ја искористат шансата за мир и благосостојба.

default

Брачната двојка Обама заминува од аеродромот во Акра, главниот град на Гана

Поздравен од илјадници граѓани на Гана, како и на дочекот, претседателот Барак Обама замина од Акра назад за САД. Кусо пред да одлета, резимирајќи ја првата посета на африканскиот континент откако стана американски претседател, Барак Обама посочи дека патувањето било многу важно за него и неговото семејство.

На крајот на 24-часовната посета на Гана, Барак Обама со сопругата Мишел и двете ќерки ја посети тврдината Кејп Коуст Касл, од каде порано биле префрлани со брод робови за работа во САД и Европа. И семејството на неговата сопруга Мишел потекнува од црнци робови, кои на сила биле одвлечкани од најблиските. „Ова е место на сеќавање, кое треба да не’ потсети какво зло можат да сторат луѓето“, порача Барак Обама и го спореди меморијалот за црните робови во Гана со поранешниот концентрационен логор Бухенвалд, којшто имаше прилика да го посети при неодамнешниот престој во Германија.

Obama in Ghana

Африка не е настрана од светските случувања

Во официјалниот дел од посетата американскиот претседател им вети на народите од „црниот континент“ подобра соработка и вистинско партнерство. „Африка не е одделена од светските настани“, нагласи Обама по доаѓањето во главниот град на Гана, Акра. Тој посочи дека намерно допатувал во Гана веднаш по самитот на Групата Г8 во Лаквила, за да покаже дека Африка треба да биде интегрирана во светската политика.

Обама исто така ја пофали Гана како пример за поинаков развој во Африка, без војни, страдање и корупција. По разговорите со претседателот на државата Џон Ата Милс, Обама имаше и обраќање во парламентот, каде се заложи за партнерство, наместо за старателски однос на САД кон африканските земји:

„Америка сака да создаде партнерство со народите и нациите на Африка. Сите знаеме дека иднината на Африка е во рацете на нејзините жители. Затоа сакам посебно да им се обратам на младите луѓе во Африка, кои во Гана на пример сочинуваат половина од населението. Светот ќе биде таков, каков што вие ќе го создадете“ - порача Обама.

Поддршка за оние кои се однесуваат одговорно

Obama in Ghana

Високиот гостин од Вашингтон апелираше до африканските влади да ги водат одговорно државите. „Треба да се откажете од антидемократските постапки и од корупцијата. Ниту една земја нема шанси да се развива ако нејзините политичари ја експлоатираат економијата за лично збогатување“ - порача Обама и најави дека САД во идина повеќе ќе водат сметка да ги поддржуваат оние земји, кои се однесуваат одговорно.

Домаќинот, Џон Ата Милс, возврати:

„Му благодариме за пораката, за тоа што сака тесно партнерство со нас и за поддршката за демократијата. Господ богато не’ обдарил и знаеме дека оваа посета ќе ни отвори многу врати“ - порача претседателот на Гана при разделбата од Обама на аеродромот во Акра.

Автор: Марк Дуге/ Горан Чутановски

Редактор: Симе Недевски