Посета во незгодно време | Свет | DW | 29.06.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Посета во незгодно време

Оружје, економски односи и силна алијанса против САД – овие три цели го донесоа венецуелскиот претседател Хуго Чавез во Москва. За рускиот претседател Путин, посетата се случува во малку незгодно време.

default

Путин и Чавез

Има многу слики од венецуелскиот престедател Хуго Чавез на кои тој изгледа исто како поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин: во униформа, со беретка, пушка в рака и поглед во далечина преку масата луѓе кои му скандираат. На слика го нема непријателот број еден на Чавез – САД.

Откако Америка му наметна ембарго, претседателот на Венецуела, своето оружје - 100 000 калашникови, 53 хеликоптери и борбени авиони, против-воздушни ракети – ги купува во Русија. Земја која редовно ја посетува во изминативе шест години.

Со оглед на тоа дека рускиот претседател Путин в недела заминува на важен самит во САД, каде ќе разговара со американскиот претседател Буш, посетата на Чавез се случува во погрешно време. Кремљ во овој период сака да и се приближи на Белата куќа.

Поради ова Чавез нема да биде пречекан како што се надеваше. На агендата има неформална вечера со Путин, нема да одржи говор во Думата туку ќе има само состанок со стотина пратеници. Сепак Чавез видно се радуваше кога пристигна.

“Дојдовме со голема надеж за развој на нашата соработка и верба во нашиот сојуз. Дојдовме во Русија на 21 век, која игра фундаментална улога”, рече Чавез.

Јасно е, Чавез сака, како што веќе кажа и во Москва, да направи фронт за униполарната власт на САД во светот. Чавез и Москва немаат заеднички интереси само по прашањето за енергија. Двете земји го следат тврдиот курс кога станува збор за национализација на странските нафтени компании.

Венецуела и Русија се обидуваат кај соседите да изградат гасоводна мрежа за да го контролираат овој бизнис. Во двата случаја рускиот Газпром себе си се гледа како шеф и кооординатор. Чавез со Путин сигурно ќе разговара и за формирање на таканаречениот Газ – Опек кој како дополнение на постоечкиот ОПЕК треба да ги зближи земјите производители на нафта и гас.

Но, очигледната воздржаност на Путин при дочекот на колегата од Јужна Америка уследи и поради политичките мотиви на Чавез. По Москва тој ќе оди и во Минск и Техеран. Со Белорусија и Иран, Чавез сака да создаде силна антиамериканска алијанса. Тоа е премногу за Путин.

Сепак ова нема да ги расипе бизнис врските меѓу двајцата. Чавез има намера за една милијарда долари да купи најмодерни подморници и ракети со кои сака да спречи потенцијална морска блокада на неговата земја од страна на САД. На листата желби се и противавионските ракети од типот ТОР М 1 како и авиони и хеликоптери.

Тоа што Чавез ја започна посетата на Москва со средба со комунистите и ултранационалистите, и што како што изгледа добро се согласува со нив, Путин го прими на знаење, но барем јавно не покажа дека не му се допаѓа.