1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Португалците и Шпанците го губат трпението

Со години нивните влади трошеле пари кои ги немале. Сега Португалците и Шпанците бараат крај на политиката на штедење, која им ја наметнаа рецесијата и високата стапка на невработеност.

Во Мадрид демонстрантите маршираа третпат оваа недела пред парламентот, за да го искажат незадоволството од зголемувањето на даноците и кратењето на јавните средства (на фотографијата горе). Со паролите „Избркајте ги“, тие бараа оставка од конзервативната влада на премиорот Мариано Рахој. Протетсите прво течеа мирно, но ноќеска прераснаа во насилство откако полицијата се обиде да ги растера демонстрантите кои се‘ уште беа собрани пред парламентот. И на демонстрациите во вторникот и во средата дојде до насилни судири, во кои беа ранети повеќе луѓе.

Португалците се лути

Десетици илјади Португалци во центарот на главниот град Лисабон исто така бараа оставка на центристичко-десната влада на премиерот Педро Пасос Коело. Актуелната влада тие ја обвинуваат за рецесијата и за рекордната невработеност од скоро 16 проценти.

„Оваа влада е целосно дискредитирана, таа не може да остане и натаму на власт“, изјави генералниот секретар на сојузот на синдикатите ОГТП, Арменио Карлос. Синдикалниот шеф и‘ се закани на владата со генерален штрајк. Притоа премиерот Пасос по првите масовни протести во понеделникот најави дека бара алтернативи за особено спорните мерки на штедење како зголемувањето на придонесите за социјалата. За опозицијата меѓутоа овие ветувања не беа доволни. Социјалистичката партија, која кaко најсилна опозициона политичка сила во Португалија досега стоеше зад сите акции за штедење, најави дека ќе гласа против предлогот за буџетот за 2013-та година.

Дефицитот се зголемува

Португалија на почеток добро напредуваше во санирањето на своите финансии. Но, во петокот владата мораше да признае зголемување на буџетскиот дефицит во првата половина од годината на 6,8 проценти. Со т.н. Трoјка, претставниците на ЕУ, Европската централна банка и ММФ беше договорено зголемување од пет проценти. Португалија во 2011-та мораше да побара заштита под „чадорот за спас на еврото“, по што на земјата и‘ беше исплатена помош во кредити од 78 милијарди евра.

Во Шпанија владата на премиерот Мариано Рахој дури во четвртокот го донесе најстрогиот пакет мерки за штедење за 2013-та година, со кој се предвидуваат заштеди од околу 40 милијарди евра. Тие мерки се неoпходни заради ублажување на несигурноста кај финансиските пазари кон Шпанија, го појасни чекорот министерот за финансии Кристобал Монторо.