1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Португалија претстави нова програма за штедење

Португалскиот премиер Педро Пасос Коељо во телевизиско обраќање синоќа нагласи дека новите мерки се потребни за да гарантираат дека Португалија нема да има потреба за нов економски пакет за спас.

Високозадолжената земја-членка на еврозоната, Португалија претстави нова програма за штедење со која треба да се надмине длабоката економска криза. Програмата меѓу другото предвидува вработените во државната администрација, наместо 35 часа неделно како досега, во иднина да работат 40 часа во неделата, порача премиерот Педро Пасос Коељо (на насловната фотографија). Покрај тоа владата планира намалување на бројот на државни службеници, кој во моментов изнесува околу 600 илјади, за најмалку 30 илјади, кои би требало да бидат потикнати доброволно да го напуштат работното место. Исто така би требало да се зголеми возраста за пензионирање од сегашните 65 на 66 години. Повеќето од мерките е планирано да стапат во сила од 2014 година. Државата преку новата програма за штедење сака до 2015 година да заштеди вкупно 4,8 милијарди евра.

Португалија пред две години мораше да биде спасена од државен банкрот со помош во висина од 78 милијарди евра обезбедена од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд. Во рамките на спасувачкиот пакет, како и во другите кризни земји во еврозоната, со Португалија беше договорен реформски курс со остри кратења на државните издатоци. Кризата во Португалија посебно големи проблеми предизвикува на пазарот на труд. Стапката на невработеност изнесува 17,5 насто, а владата во Лисабон е со прогноза дека во наредната година таа ќе се зголеми на 18,5 отсто.