1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Пораст на перењето пари преку интернет

Германската служба за криминал алармира: криминалци ги злоупотребуваат сметките на луѓе кои купуваат преку интернет и на тој начин профитираат. Предупредувањата од надлежните институции укажуваат на нови методи.

default

Сојузната криминалистичка служба и Сојузната служба за надзор на финансиски дејности укажуваат дека годинава има силен пораст на криминалот со перење пари преку интернет. Во однос на 2009, оваа година се регистрирани за 23 проценти повеќе сомнителни случаи. Досега се пријавени над 9 илјади случаи, од кои кај половината се потврди сомневањето за кривично дело.

Главна улога-финансиски агенти

Претседателот на Сојузната криминалистичката служба Јерг Цирке како главна причина ги нагласува случаите во кои улога играат таканаречените финансиски агенти. Во 2008 имаше 971 финансиски агент, а во 2009 веќе 2394. Финансиски агенти се лица, кои на криминалци им ја ставаат на располагање својата приватна сметка.

„Во интернет се врбуваат лица, за одредена провизија да ја стават на располагање приватна сметка, за на неа да се врши уплата за артикли понудени во интернет под поволни услови - кои мораат да бидат платени однапред. Но, стоката нема да биде испорачана. Парите уплатени од купувачот на сметката на финансискиот агент се префрлуваат понатаму кај оние, кои од сенка ги организираат махинациите. За да се прикрие работата, тие пари најчесто се префрлуваат во земји надвор од Европа“, објаснува Јерг Цирке.

Deutschland Terror BKA Jörg Ziercke

Шефот на германската криминалистичка служба БКА, Јерг Цирке

Но може да станува збор и за навистина набавена стока од страна на финансискиот агент:

„Финансиски агенти купуваат со уплатените пари вредна стока, како компјутери или мобилни телефони, и за провизија ја праќаат на ним познати адреси, користејќи разни форми за криминалците да можат анонимно да ја преземат стоката. Уплатените пари биле уловени од туѓи банковни сметки“.

Таканаречениот „фишинг“ значи дека криминалците си обезбедиле нелегален пристап кон сметките и од нив им префрлуваат пари на ангажираните финансиски агенти.

И плаќањето во готово не е сигурно

И кај плаќањето во готово има пораст на сомнителни случаи од околу 34%. Ова најчесто се однесува на купување на автомобили, благородни метали или недвижности. Ако купувачот плати во готово голема сума пари, чие потекло не може да се утврди, од претпријатијата се бара да го пријават случајот. Службата за надзор на финансиските дејности е надлежна за контрола на сомнителни парични уплати. Претседателот на оваа институција Јохен Санио посакува да може во вакви случаи да изрече повисоки парични казни.

Jochen Sanio Präsident BaFin

Претседателот на Службата за финансиски надзор, Јохен Санио

„Паричните казни за ваквите криминални дела во Германија се смешни. За разлика од Германија, американските и англиските надзорни служби изрекуваат многу повисоки парични казни“.

Додека овде казните се движат околу 100 евра, во странство тие достигнуваат милионски суми, укажува Санио.

И Јерг Цирке предлага одредени подобрувања и смета дека е безусловно нужно изедначување на законската регулатива на меѓународно ниво. Разликите кај банкарските и деловните тајни во странство, според него, им ја отежнуваат работата на иследниците во Германија.

Автор: Саша Лап/ Љубинка Божиновска

Редактор: Жана Ацеска