1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Порастот во источните германски покраини поголем отколку на запад!

Италија ја има Сицилија, Велика Британија Северна Англија, а Германија ги има источните покраини. Овие региони се проблематични. Тие се одликуваат со висока невработеност, недостиг на динамика и низок економски пораст. Но, барем ова последново, не се однесува сосема на Источна Германија. Таму, според студијата на државната група банки КФВ, порастот е поголем отколку на запад од земјата.

default

Бранденбург – 18,5%, Мекленбург Предна Померанија – 20%, Саксонија Анхалт – 20,4%. Така гласат квотите на невработеност во последните месеци од годинава – вистински хорор бројки. И покрај трансферите тешки милијарди евра, се чини дека во новите покраини ништо не се направило.

Една студија на групацијата банки КФВ, меѓутоа, покажува: просечно во изминатите десет години брутодомашниот производ во новите германски покраини пораснал повеќе од трипати побрзо отколку во старите покраини. На исток има пораст од 3,3%, наспроти еден процент на запад. Дури во последниве години темпото на економски развој во Источна Германија се намали. Норберт Ирш, шеф на КФВ, за причините вели:

”Едноставно може да се рече дека градежништвото во првата половина на 90-тите години беше покренувачка сила за порастот на источно-германската конјуктура, но оттогаш повеќе дејствува како кочница. ”

Конјуктурниот развој, ако се изземе градежништвото, минува стабилно и претежно позитивно. Во преработувачката бранша , инвестициите годинава имаат пораст од 9%, а и квотата на извоз постојано расте. Новите покраини се дури и меѓународно конкурентни:

”Предноста што Источна Германија ја има во однос на Западна Германија во делот на трошоците за плати изнесува меѓу 2,5 и 3%, што е значително. Тоа не се должи исклучително, сигурно се должи делумно на тоа што во Источна Германија се работи ефективно подолго. Улога се разбира игра и добрата квалификуваност на работната сила. Да не се заборави и дека во меѓувреме во Источна Германија е изградена мошне ефективна инфраструктура.”

Додека брутодомашниот производ, според студијата, во новите покраини од 1991 година наваму пораснал за 54%, тој во Чешка се зголемил за само 24%, а во Унгарија за 34%.

Брутодомашниот производ по глава, во Источна Германија изнесува 17.500 евра, во Чешка 7 700, а во Унгарија 7 200.

Значи, Источна Германија се наоѓа на вистински пат. Обновата на истокот во никој случај не е пропадната, гласи оценката на експертот на КФВ, Норберт Ирш:

”Ако се има предвид дека меѓународните истражувања доаѓаат до заклучок дека на регионите кои сакаат да се опорават од заостанувањето во развојот, им се потребни една до две генерации, а на Источна Германија и успеа досега тоа што и успеа, тогаш може да се рече дека процесот на опоравување благодарејќи и на поддршката на Западна Германија мина многу побргу, отколку што економистите очекуваат врз основа на вообичаените искуства.”