1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Поранешниот претседател зад решетки

Екс-претседателот на Израел, Моше Кацав, денеска (22.03.) беше осуден на седум години затворска казна и две години условно, поради два случаи на силување. Тој уште мора да им исплати околу 20 илјади евра на двете жртви.

default

Кацав: Девојките лажат!

Бурни сцени се одвиваа денеска во судот во Тел Авив, особено откако падна пресудата. Обиколен од камермани и фотографи, Моше Кацав ја напушти судската сала и влезе во лимузината на неговите адвокати.

За време на рочиштето, поранешниот израелски претседател реагираше многу емоционално кога беше соопштена должината на затворската казна, поради обвинувањата за силување и сексуално малтретирање на две поранешни соработнички. Уште додека судијката ја читаше пресудата, тој ја прекина во зборувањето, тврдејќи дека станува збор за грешка и дека му е сторена неправда. Тој се расплака и извика: „Девојките лажат и самите знаат дека лажат! Не ми дозволивте да изнесам докази и сведоци!“

Mosche Katzav FLASH Galerie

Кацав ја злоупотребил функцијата, пресуди судот во Тел Авив

„Силувањето е еден од најтешките прекршоци“

Судиите ја образложија пресудата со тежината на прекршокот, за кој се товари Кацав. Силувањето е едно од најтешките кривични дела, рече главниот судија во процесот. Кацав го прекршил законот и мора да ги сноси последиците, исто како секој друг, истакна судијата, додавајќи дека поранешниот претседател ја злоупотребил функцијата на која се наоѓал. Обвинителството, пак, е задоволно со крајниот исход. Државната обвинителка Ронит Амиел истакна:

„Гласот на судот и неговата нормативна одлука - тоа е она, што треба да наиде на ехо во јавноста денеска.“

Адвокатите на Кацав постигнаа согласност со министерството за правда да му дадат на екс-претседателот уште 45 дена на слобода, пред да се јави на отслужување на долгогодишната затворска казна на 8. мај.

Актуелниот премиер на Израел Бенјамин Нетанјаху по прогласувањето на пресудата порача дека станува збор за „ден на тага и срам, но во исто време и ден кога можеме да се гордееме со правосудниот систем во Израел“.

Автор: Клеменс Веренкоте / Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски