1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пораки на Денот на независноста

Во говорот по повод Денот на независноста македонскиот претседател Ѓорге Иванов оцени дека со позитивни сигнали од ЕУ, Македонија ќе ја продолжи успешната приказна. Во говорот на Иванов не изостана и проблемот со името.

default

Иванов на говорот во МОБ

Денот на независноста, 8-ми септември беше македонски испит на зрелоста, декларација дека земјата е способна и ќе упсее, тогаш Македонија го покажа своето полнолетство, оцени синоќа (08.09.09) претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на централната прослава по повод Денот на независноста.

Во кусото обраќање, шефот на државата не ја пропушти можноста со дипломатска одмереност и индиректно да и испрати порака на Грција. Половина од периодот од независноста на Република Македонија јужниот сосед влечеше потези за нејзино блокирање во меѓународната заедница и самостојниот развој, особено низ економските блокади до ветото за членство во НАТО.

„Нема да не поколебаат обидите со неправди, со омаловажување, да не натераат да се откажеме. Долго време - 18 години - сите имаа можност да се навикнат дека Македонија е реалност на Балканот. Да не поддржат ако сакаат, но во секој случај да не прифатат такви какви што сме. Да сметаат на тоа дека Македонија ќе биде успешна, напредна и отворена земја, најдобар пријател на тие што ќе возвратат на нашето понудено пријателство,“ истакна Иванов.

Многу подиректен во очекувањата за грчко - македонскиот спор беше поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Тој по изборите кај соседот очекува: „Од наша страна ќе наметнеме едно побрзо темпо. Во секој случај пред Советот на министри на ЕУ во декември во Брисел, бидејќи во спротивно би значело уште една изгубена година и можеби период од повеќе изгубени години за иднината на Македонија.“ изјави за телевизијата Канал 5, лидерот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски.

Македонско-грчките преговори се повторно во исчекување поради избори овојпат кај соседот. Оваа пауза македонските власти ќе ја искористат за ново лобирање.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM