1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Пораките од пријателот Хауит да се сфатат сериозно“

Пораките од Ричард Хауит, кој важи за пријателски настроен кон Македонија, треба сериозно да се земат во предвид и да се реализираат, коментира за Дојче веле политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Тоа што Хауит ги спакува препораките на ваков начин во делот на имплементацијата на препораките за парламентарната анкетна комисија, слободата на говорот, не треба да е изненадувачки затоа што и самата активност на еврокомесарот Штефан Филе беше насочена кон ова. Одговорноста од наша страна не може да се избегне. Власта и опозицијата треба да ги преземат одговорностите и тоа да го спроведат. Во делот на медиумите, сметам дека проблем е преголемата регулација и законот за медиумите. Се согласувам дека пререгулираноста не е добра, посебно во делот на медиумите кои треба да бидат засебно третирани. Случајот Кежаровски во секој случај го враќа вниманието кон прашањето со медиумите и не треба да не‘ чуди инсистирањето на слободата на говорот. Препораките од инаку пријателски настроениот кон Македонија Хауит треба да бидат дополнително охрабрување за посериозно да се одработат сите препораки во извештајот“, смета Муслиу.

Според Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики, Ховит е еден од малкумината политичари во ЕУ кои моменталната финансиска криза во Унијата не ја гледаат како причина за забавување на процесот на проширување. Неговите лични цели за Македонија се јасни и затоа тој инсистира на внатрешна поддршка и докази за потребните реформи за да се убедат европските лидери да ја донесат посакуваната одлука за земјата:

„Средбите со македонскиот политички врв, но и со невладиниот сектор на Хауит деновиве покажаа дека тој будно ги следи случувањата во земјата и е критички настроен кон сите негативни, но и позитивни случувања на домашната политичка сцена. Ова се потврдува со континуираната заинтересираност и собирањето на информации околу слободата на изразување и поврзаноста на реализацијата на ова човеково право со случајот Кежаровски и загриженоста дека во Македонија има селективна правда. Ако ги анализираме изјавите по состанокот со опозицијата и премиерот, може да се оцени дека Кежаровски и загриженоста опаѓа, а акцент повеќе им се дава на барањето да се достават докази за напредокот, кој се случува за да се убеди Советот дека преговорите треба да почнат. Претпоставувам дека резултатите од политичкиот дијалог за ова прашање ќе бидат примарни во извештајот на известувачот, затоа што Владата брзо и многу конструктивно одговори на ова барање со предлог акциски план за спроведување на препораките на Комисијата од извештајот за прогресот на земјата“, смета Ристеска.

Richard Howitt

Ричард Хауит стави акцент на неколку прашања

Во Брисел постои загриженост и за други прашања

Пораките што ги пренесе Хауит во Скопје, според Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика, покажуваат дека во Брисел постои загриженост и за други прашања освен за спорот со името:

„Пораките од Хауит се на линија со заклучоците од стратегијата за Македонија, односно дека не е проблем само името, туку дека има загриженост за развојот на демократските процеси во земјата. Оттаму и структурата на посетата, во која имаше и средби со ЗНМ, Хелсиншкиот комитет, посетата на ЛГБТ центарот, што јасно покажува дека прашањето на почитување на човековите права не може да биде тргнато на страна. Покрај тоа, тој е во ситуација, за разлика од Европската комисија која не беше во ситуација да даде став за Кежаровски, бидејќи беше во тек судскиот процес, тој е во ситуација да може да го отвори тоа прашање и го отвори“, смета Ристевска Јорданова.

ЕУ нема право да бара од РМ да постапува како да е членка на ЕУ

Универзитетскиот професор Тони Науновски пак смета дека е полезно да се слушнат мислењата и критиките за состојбите во општеството и политиката кои доаѓаат од високи претставници на Европскиот парламент, без оглед на фактот дека евроинтегративните процеси на Македонија, според него, се и ќе бидат блокирани, поради како што вели, уцената на Грција за промена на името и идентитетот:

„Забелешките за партизираноста на администрацијата, состојбите во судскиот систем, медиумите, корупцијата и.н. се константа, но и покрај тоа, според Хауит, Македонија ги исполнува копенхашките критериуми. За жал, не кажа експлицитно кои држави членки на ЕУ не се согласни со овој факт, но најверојатно тоа се истите држави кои зад забелешките за квалитетот на реформите всушност затскриваат свои барања и претензии кон Р. Македонија, односно ги користат како изговор за реализација на нивни геостратешки интереси кон нашата држава, пред се‘ Грција,а за жал се‘ почесто и Бугарија. Она што мене ме загрижува, а што остана на маргините поради овие теми и не беше забележано од пошироката јавност во РМ, е неговата забелешка за договорот што Македонија го склучи со Русија за ’Јужен тек’. Наводно, тој договор не бил во согласност со повелбата на Европската енергетска заедница – меѓутоа, РМ не е член на ЕУ, и нема да биде во догледно време поради ветото на Грција. Оттаму, иако некогаш како држава ја потпишала таа повелба заради уверувањето дека брзо ќе стане полноправен член на ЕУ, со оглед на изменетите факти, РМ мора да бара алтернативни или дополнителни начини за развој на својата енергетска и економска стабилност, а договорот за ’Јужен тек’ е токму тоа. ЕУ нема право да бара од РМ да постапува како да е член на ЕУ, бидејќи, иако ги исполнува сите критериуми, копенхашките пред се, таа тоа не е, за жал“, смета Науновски.

Ричард Хауит на крајот од тридневниот престој во Скопје изјави оти лично смета дека Македонија треба да добие датум за почеток на преговори, но предупреди дека освен Грција и Бугарија за тоа мора да се убедат и други земји во Унијата кои сметаат дека земјата не ги исполнила доволно критериумите од Копенхаген. Тој препорача политичарите да ги исполнат задачите од ад хок комисијата за 24-ти декември, да се направи напредок во односите со Бугарија и напредок во слободата на изразувањето.