1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Пораз на СПД на евро-изборите во Германија

Евро-изборите во Германија ја потврдија доминацијата на партиите на Унијата кои и покрај загубите убедливо победија пред црвено-зелената коалиција.

Европа вчера гласаше

Европа вчера гласаше

Според моменталните резултати Унијата освои 44,5 насто гласови, односно 49 од вкупно 99 места за Германија во европскиот парламент. Социјалдемократите доживеаја тешки загуби и паднаа најниско на само 21,5 насто, додека јасен пораст обезбедија зелените кои од досегашните 6,4 стигнаа до 11,9 насто. По десетгодишно отусуство и либералите обезбедија влез во парламентот со 6,1. И ПДС останува во клупите во Стразбур со освоени 6,1 насто. Водечките политичари на ЦДУ-ЦСУ и на либералите, по катастрофата на СПД побараа нови изброи за Бундестагот.

Во Европскиот парламент од 99 места за Германија 49 ќе имаат партиите на Унијата, 23 СПД, зелените 13, додека либералите и ПДС по 7. Во резултатите од евро-изборите претседателката на ЦДУ Ангела Меркел гледа јасен сигнал за промена во сојузната политика:

“Ова е добар ден за демохристијанската унија и добар ден за Унијата воопшто. Со нашето мнозинство ќе може да продолжи разумната политика во Европа, но тоа е и јасен сигнал кон Берлин дека политиката што ја водат во моментов црвено-зелените нема поддршка од луѓето во Германија“.

Претседателот на социјалдемократската партија Франц Минтеферинг оцени дека станува збор за многу горчлив резултат за неговата партија:

“Беше тешка изборна битка и ова вечерва е многу горчлив резултат. Можат да се видат две работи. Прво, дека во Германија, но и во другите земји постои голема незаинтересираност. Второ, кога станува збор за сојузната политика, што беше решавачко за многумина на овие избори, дека се уште ја немаме довербата на луѓето за содржината на нашата политика. Прашањето што веднаш се поставува е дали е политиката исправна“?

Врвниот кандидат на зелените за европските избори Даниел Кон Бендит во резултатите на неговата партија гледа голем успех:

“Ние во Европа сме единствената владина партија што победи. Сите владини партии во Европа загубија и тоа многу. Зелените се единствените што на овие избори добија околу 5 насто повеќе“.

Претседателот на либералите Гидо Вестервеле, чија партија по десет години повторно ќе се најде во европскиот парламент изјави:

“Ова е извонреден резултат за целата парија и пред се за нашиот кандидат Силвана Кох-Мерин“.

Ханс Герт Петеринг од ЦДУ кој беше врвниот кандидат на неговата партија за Дојче веле изјави:

“Можеме да бидеме многу среќни со овој резултат. Нашите партии – ЦДУ и ЦСУ се поголеми од сите други партии од Германија застапени во Европскиот парламент“. Во изјавата за агенцијата ДПА Петеринг побара повеќе моќ за партиите на Унијата во новата Европска комисија. Имено, тој побара местата во комисијата што и припаѓаат на Германија да и бидат препуштени на Унијата.

Освен европските вчера во Германија се одржаа и покраинските избори во Тиринген. Прита се поставуваше прашањето дали на ЦДУ ќе и успее да го задржи апсолутното мнозинство. Според моменталните разултати тоа и успеа зашто ЦДУ освои меѓу 43 и 44 насто, додека СПД со околу 14 насто го забележа најлошиот резултат во оваа покраина. ПДС го засили второто место освојувајќи околу 26 насто гласови додека на зелените и на либералите не им успеа да ја прескокнат пречката од 5 насто.