1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Пораз на Германија во слаба претстава

Во Истанбул Турција ја победи Германија со 2 спрема 1. Победа на Рајконен во Сузука, сребро за Милер во Лајпциг

Германскиот селектор Јирген Клинсман

Германскиот селектор Јирген Клинсман

Главни творци на победата на турската репрезентација над Германија беа играчи од германската Бундеслига – стрелци на головите беа Халил Алтинтоп од Кајзерслаутерн и младиот Нури Шахин кој настапува за Борусија Дортмунд, а главен организатор на нападите беше Јилдирај Бастурк од Херта Берлин. Ветеранот Оливер Невил на 50-от настап во репрезентацијата го постигна единствениот гол за Германија во последните моменти од средбата.

Натпреварот имаше пријателски карактер и беше во рамките на подготовките на германската селекција за светското фудбалско првенство наредната година, чиј домаќин е токму Германија. Шефот на стручниот штаб Јирген Клинсман мора наскоро да го подготви списокот на играчи што ќе бидат пријавени за мондијалот, па и оваа пригода ја искористи за натамошни експерименти, давајќи им шанса на нови играчи, како одвај 20-годишниот Синкевиц од Келн, или нова можност на Јенсен. Факт е дека отсуствуваше главниот лост во тимот Миахел Балак и оти тоа се почувствува. Но, севкупно германската селекција остави слаб впечаток во првото полувреме и нешто подобар во вториот дел.

„Ништо не сакаме да разубавуваме, во првото полувреме не покажавме ништо. Ништо немаше од она што го очекувавме и што претходно го договаравме. Ние многу интензивно се занимававме со Турците, но потоа ништо од тоа не беше спроведено“ – овој пат многу построг во оценката беше инаку вообичаено воздржаниот селектор Клинсман. Ни голманот Оливер Кан не ги поштеди своите соиграчи: „Не знам од што се плашевме. Стадионот не беше ни дополу исполнет, всушност немаше воопшто никаква причина. Турците секако се многу добар тим, но не таков од кого би требало да се вкочаниме од страв. Ние мораме да седнеме заедно и да се прашаме зошто дејствувавме толку уплашено во првото полувреме“.

В среда Германија има уште еден тест-натпревар против Кина во Хамбург. И овој пат репрезентацијата ќе настапи без Балак.

Скибе тренер на Баер (Л)

Нов тренер на Баер Леверкузен е Михаел Скибе. 40-годишниот Скибе беше тренер на германската репрезентација во периодот од јули 2000-та до јуни 2004-та, кога селектор беше Руди Фелер, сегашниот спортски директор на Баер Леверкузен. „Сосем е јасно дека ние сите во клубот и посебно јас како нов тренер сакаме да оствариме апсолутно врвна работа. Се радувам на соработката со сите во клубот и особено со мојот нов тим“ – рече Скибе.

Победа на Рајконен во Сузука

Финецот Кими Рајконен победи на Големата награда на Јапонија, претпоследната трка од годинашното светско првенство во автомобилизам формула еден, иако стартуваше од 17-тата позиција. Тој во последниот круг успеа да го мине и дотогаш водечкиот Џанкарло Физикела од Рено, кој го освои второто место. Трет е Шпанецот Фернандо Алонзо, кој веќе претходно ја обезбеди титулата светски првак. Михаел Шумахер трката ја заврши на седмото место.

Во конкуренција на конструктори прашањето за првото место ќе се решава на последната трка наредната недела во Шангај. Сега Рено го презеде водството со 176 бодови, пред Мекларен Мерцедес со 174.

Последна победа на Цабел за Ти-мобајл

Германскиот велосипедист Ерик Цабел беше најбрз во спринтот и по трет пат во кариерата победи на трката Париз – Тур. Тоа беше последен настап на Цабел во дресот на Ти-мобајл – во наредната сезона тој ќе вози за италијанско-германската екипа Милрам.

Дејвенпорт најдобра во Филдерштат

Американската тенисерка Линдзи Дејвенпорт е победник на турнирот во Филдерштат, откако во финалето ја совлада Французинката Моресмо со 2 спрема 0 во сетови. Ова е трет успех на Дејвенпорт во Филдерштат, истовремено и јубилеен, 50-ти турнир што го освои таа.

Сребро за Ања Милер

На светското првенство во мечување, што се одржува во Лајпциг, германската претставничка Ања Милер приреди пријатно изненадување освојувајќи сребрен медал во дисциплината флорет. Ова е прв медал од светските првенства за 28-годишната германска мечувалка. Во финалната борба таа беше поразена од бранителката на титулата Валентина Веѕари од Италија со 11 спрема 10. „Мислам дека точно ја следев тактиката, што ја договоривме со мојот тренер, да ја нервирам со ситни бодежи...мислам дека сосем добро ја спроведов. Ми се исполни сонот да освојам медал во Лајпциг, пред целото мое семејство“ – рече Ања Милер.

Зоран Јордановски