1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Поради неодговорните политичари санкции за БиХ и во 2014-та?

Босна и Херцеговина остана без 45 милиони евра од ИПА-фондовите поради неспроведување на судската одлука во предметот „Сејдиќ-Финци против БиХ“. Санкции се можни и наредната година, а под прашалник е и програмата ИПА 2.

Босна и Херцеговина е прва земја на која и‘ се скратени средства од фондовите за претпристапна помош ИПА. Неславната титула земјата ја доби благодарение на неспособните политичари, оценуваат европските претставници, но и политичките аналитичари во БиХ, кои тврдат дека „одговорност за проблемите кои денес ги има БиХ исклучиво сносат лидерите на владејачките партии“.

Политичкиот аналитичар Властимир Мијовиќ за Дојче веле оценува дека одговорноста за кратењето на средствата од ИПА-фондовите ја сноси „славната седумка“ која владее во БиХ. „Тие едноставно не сакаат да го решат овој проблем. Она што би можело да ги натера на тоа е внатрешен отпор, односно притисок на граѓаните кои за жал се‘ уште не покажуваат дека се подготвени на тоа. Друга казна би можела да биде стап од страна. Еден од тие стапови се ИПА фондовите и парите кои ни се скратени“, вели Мијовиќ.

Европската унија нема да ги решава проблемите на БиХ

Мијовиќ на својот блог http://vlastimirmijovic.blogspot.de/ како еден од најодговорните за неуспех во спроведувањето на одлуката „Сејдиќ и Финци“ го означи лдиерот на Социјалдемократската партија на БиХ, Златко Лагумџија. Тој му забележува на Лагумџија поради тоа што тој од претставниците на ЕУ барал да предложат решенија. „Меѓународната заедница уште пред 6 или 7 години ни рече дека мина времето кога таа ги решаваше нашите проблеми. Навистина е е фер да се зема плата за она што го работат други. Потребни ни се решенија кои ќе бидат производ на наш зрел, домашен договор, зашто само такви решенија имаат шанси за долговечност“, вели Мијовиќ за ДВ.

Директорот на Центарот за застапување на граѓански интереси (Фондација ЦПИ) Дамир Мехмедбашиќ верува дека евентуални санкции од страна на ЕУ би требало да бидат насочени против „неспособните политичари“. „Доколку треба да бидат преземени санкции против властите во БиХ, тие би морало да бидат многу поделотворни и притоа не смеат да страдаат граѓаните, туку оние кои доведоа до ваква состојба во каква што се наоѓаме во моментов“, вели Мехмедбашиќ.

Politiker aus Bosnien und Herzegowina Treffen mit Stafan Füle in Brüssel

Босанските политичари на средба со еврокомесарот Штефан Филе во Брисел (октомври 2013)

Под знак прашалник и ИПА 2

Тој оценува дека владејачката елита во земјата не е загрижена поради тоа што БиХ остана без пари од ИПА-фодновите. „Тие 45 милиони евра главно одат за консултантски куќи од ЕУ и тие своите проекти ќе ги пренасочат на други места, во случајов - на Косово“, нагласува Мехмедбашиќ. Од 45 милиони евра, колку што и‘ се скратени на БиХ, на Косово одат 23,5 милиони, додека остатокот ќе биде упатен на сметка на Регионалниот проект за станбено згрижување на бегалците и раселените лица.

Од Европската комисија порачуваат дека од 1 јануари 2014 година почнува седумгодишната програма ИПА 2, со околу 80 милиони евра годишно. Но и овој проект е под знак прашалник поради непостоење единствен систем на координација. И за програмата ИПА 2 услов останува спроведувањето на одлуката на Европскиот суд за човекови права по предметот „Сејдиќ и Финци“ (Дерво Сејдиќ и Јакоб Финци ја тужеа државата дека како на припадници на национални малцинства им е оневозможено да бидат избирани. Судот ја обвини Босна дека ги дискриминира малцинствата. Имено, според мировниот договор од Дејтон од 1995 година, само Србите, Хрватите и Бошњаците можат да се кандидираат за мандати во Домот на народи на Босна и Херцеговина и Претседателството на државата. Кој припаѓа на малцинство, како Евреи или Роми, или не сака да се изјасни етнички, не може ниту да се кандидира. Европскиот суд за човекови права пресуди дека не постои разумно и објективно оправдување за одржување во сила на постоечките одредби со коишто се врши дискриминација и со големо мнозинство гласови заклучи дека е прекршен членот 14, заедно со членот 3 од Протоколот 1 којшто гарантира право на слободни избори, н.з)