1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Попуштена „славината“ за штедачите на Кипар

Банкарските штедачи во Кипар во иднина повторно ќе можат да префрлаат во земјата и во странство повисоки износи пари. За пакетот помош за островот, во Даблин се советуваат министрите за финансии од еврозоната.

Министерството за финансии во Никозија соопшти дека во иднина ќе бидат дозволени уплати во земјата до износ од 300.000 евра. Истовремено, ограничувањето на трансферите на фирмите во странство без претходна проверка е зголемено од 5.000 на 20.000 евра. Патниците кои патуваат надвор од Кипар можат да носат две наместо илјада евра во кеш. Но, останатите ограничувања на капиталот, како лимитот од 300 евра дневно при подигањето кеш од банкоматите, остануваат непроменети.

Кипар ги воведе ограничувањата во областа на капиталот на 28 март за да спречи јуриш на банките од страна на штедачите и масовно одлевање на финансиските средства во странство. Причината беа преговорите за финансискиот пакет за спас од банкрот на загрозената од криза ЕУ-членка.

Вчера стигна меѓутоа нова непријатна вест од Кипар. Кипарската влада потврди дека на државата и‘ се потребни повеќе пари, од тоа што досега се проценуваше, зголемувајќи го износот на програмата за помош на 23, од досегашните 17,5 милијарди евра.

„Факт е дека во меморандумот од ноември е наведено дека ни се потребни 17,5 милијарди евра. Сега се покажа дека таа бројка нараснала на 23 милијарди евра“, рече портпаролот на владата Христос Стилијанидес.

Тоа значи дека Кипар ќе мора да обезбеди дополнителни шест милијарди евра, покрај седумте милијарди евра за кои се обврза дека ќе ги обезбеди, како услов за помош на Европската унија и Меѓународниот фонд во износ од 10 милијарди евра.

„Кој е за тоа одговорен? Како се случи тоа? Причината е стравот од одговорност и неодлучноста на претходната влада“, рече Стилијанидес.

Темата Кипар ќе биде една од главните на денешната и утрешна средба на министрите за финансии од еврозоната во Даблин. Се очекува конкретизација на програмата за помош на Кипар.