1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: Со Грција да се фокусираме кон заедничките интереси

Во интервју за Дојче веле: Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија. Со Попоски разговараше Зоран Јордановски.

default

Министерот за надворешни работи Никола Поповски во разговор со уредникот на редакцијата на македонски јазик на Дојче Веле, Зоран Јордановски

Дојче Веле: Господине Попоски, имавте средба со Вашиот германски колега по функција Гидо Вестервеле, имавте повеќе средби со други претставници на германскиот политички живот за време на посетата на Берлин. Каков е впчатокот што го носите од тие разговори, каков е односот на Германија кон Македонија сега?

Попоски: Ценам дека најбитниот аспект што го покривме со оваа посета е фактот дека опстојуваме на принципиелноста. Мислам дека е тоа особено значајно од аспект на пристапувањето кон ЕУ, бидејќи е во корист и на земјата-кандидат и на ЕУ тој процес да остане фиксиран врз основа на принципите кои го водат од самиот почеток.

Der mazedonische Außenminister Nikola Poposki in Berlin

Во разговорите ни беше потврдено од страна на министерот за надворешни работи дека Германија опстојува на таа принципиелност и дека единствениот критериум врз основа на кој ќе се оценува нашиот напредок ќе биде објективното остварување на зададените задачи и одредници.

Сметам дека во оваа фаза на интеграција, во која значаен дел од Балканскиот полуостров е веќе дел од ЕУ, за оној дел кој се’ уште останува да се приклучи кон неа, од исклучителна важност се две работи. Едно, дека тој припаѓа кон ЕУ и крајната цел е тој да биде дел од неа, односно да бидеме земји-членки, и второ, дека системот на оценување ќе остане принципиелен и ќе се водиме од тие одредници за да заклучиме во која фаза е целосно подготвен.

Од тој аспект Република Македонија има понудено повеќе аргументи кои ја опишуваат како успешна приказна, како на политички план – празнуваме, на пример, 10 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, имаме успешен период од 20 години по независноста, во кој константно сме се приближувале кон стратешките одредници за членство во НАТО и ЕУ – исто така и на економски план. Република Македонија, и покрај економските предизвици од глобалната финансиска криза, успеа да ги одржи критериумите од Мастрихт, како во поглед на вкупното задолжување, исто така и кај буџетскиот дефицит и инфлацијата. Тие се остварувања кои мораат да бидат вреднувани според критериумите кои се објективни во ЕУ.

Вие зборувате за критериумите од Копенхаген и дека Германија доследно опстојува врз нив. Меѓутоа, Комисијата на ЕУ пред речиси шест години утврди дека Македонија е подготвена за натамошен значаен чекор во приближувањето кон ЕУ доделувајќи и’ кандидатски статус, со години наназад таа утврдува дека Македонија ги исполнува условите за почеток на преговорите. Па сепак, постои една голема пречка, која фактички не е дел од копенхашките критериуми – проблемот со Грција околу името. Претпоставувам дека тоа беше тема на разговорите овде во Берлин?

Вашето прашање би го дополнил и со аспектот на евроатлантската интеграција. Уште во 2008 сите беа согласни дека Македонија во целост ги исполнува условите за членство во НАТО. Сметам дека аргументацијата мораме да ја задржиме врз принципи, и приклучувањето кон ЕУ и НАТО мора да се задржи на оние критериуми, кои ги имаме фиксирано од почетокот. Реалноста на носењето на одлуките за членство, како што видовме во Букурешт, е под влијание на земјите, кои се веќе членки. Ние немаме никаква бариера од аспект на исполнување на критериумите.

Mazedonischer Außenminister Nikola Poposki in Berlin

Попоски на заедничката прес-конференција во Берлин со германскиот колега Вестервеле

Мислам дека тоа, колку повеќе биде промовирано од страна на двете заедници во кои сакаме да припаѓаме, НАТО и ЕУ, толку полесно ќе се надминуваат предизвиците. Сметам дека наша должност е да покажеме дека сме конструктивни партнери во тие процеси и дека нашите стратегиски одредници се приоритет број еден. Во тој дух мораме да изнајдеме решенија за оние преостанати прашања, за кои сите имаме согласност дека се крајно ирационални, наметнати без некоја солидна аргументација која може да се квалификува како издржана од аспект на приоритетите на НАТО и на ЕУ, но која објективно ни го отежнува тој процес. Не сметаме дека едноставно со вртење грб на проблемите тие можат да се решат, туку нашиот пристап е конструктивен и во духот на она, што е заедничка цел. Тука, во рамките на оваа посета, можам да потврдам дека имаме заедничко разбирање оти тој процес е двостран, дека тој треба да носи дополнителна енергија, како од страна на земјата која се приклучува, така и од страна на земјите кои се веќе внатре во системот. Би сакал да можам да констатирам што е можно поскоро дека тој дух ќе преовладее кај сите заинтересирани страни и дека ќе успееме со нашиот јужен сосед да ги надминеме концептите на бариери и на блокади и дека ќе можеме да се фокусираме кон заедничките интереси кои лежат во овие две семејства.

Во овој контекст секако занимливо звучи пораката што ја упати до Грција шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле од прес-конференцијата по средбата со Вас, на прашање од Дојче веле, дека солидарноста – мислејќи на солидарноста во ЕУ - не е еднонасочна улица. Надворешно секогаш се добива впечаток дека врз Македонија се врши посилен притисок за да попушти во спорот. Меѓутоа, дали зборовите на Вестервеле треба и така да ги толкуваме, дека сепак зад сцена се врши доволно силен притисок и врз Грција за да покаже конструктивност во барањето решение за надминување на спорот?

Не би ги врзувал тие два процеса бидејќи објективно сериозните потешкотии со кои се соочува Грција на внатрешен економски план во моментот, сметам дека не се од корист за никого – како за самата Грција, така и за нејзините директни соседи, а најмалку за ЕУ. Затоа сметам дека ние сите имаме интерес тие проблеми да бидат надминати. Сметам дека повторно мораме да покажеме и во тешки периоди на економска криза и на сериозни предизвици дека принципиелноста опстојува и дека повисоките цели – оние за интегрирање на целиот полустров во НАТО и ЕУ – преовладуваат над агендите кои се исполнети со тие економски проблеми. Сите земји членки, вкличително и Германија, имаат стратегиски интерес овие проблеми да бидат надминати. Република Македонија може да даде позитивна контрибуција во тој дел, а тоа може да се материјализира како со отпочнување на процесот на преговори, така и со овозможување на една посилна економска интеграција. Ние сме сепак пазар кој е двамилионски, кој е близок до грчката економија, кој нуди определени можности, каде што има грчки инвеститори, и мислам дека и во тој домен имаме додадена вредност, а фактот што не се соочуваме со истиот профил на проблеми не треба да ни биде хендикеп, туку да ни биде можност за наоѓање на синергии и за меѓусебна надградба.

Во врска со притисокот, сметам дека логично е перцепцијата да се гради врз основа на тоа, дека притисокот е секогаш полесно да се изврши врз помалиот учесник во определен дијалог. Мораме и тука да излеземе од еден тесен интерес, кој се лимитира на краток рок, и мораме да констатираме дека конструктивноста во еден процес треба повторно да ја оценуваме врз основа на тоа колку некој е подготвен.

Der mazedonische Außenminister Nikola Poposki in Berlin

Сметам дека Република Македонија, а тоа и нашите партнери го имаат констатирано, има вложено исклучителни напори за да ги постигне тие резултати, како од аспект на критериумите од Копенхаген, така и од аспект на исполнување на сите практични и политички критериуми за членство во НАТО. Тоа треба да ни биде главната оценка, врз основа на која треба да ја базираме анализата за целисходноста од изнаоѓање на решение од оваа ситуација во која сме сега затечени. Не смееме да дозволиме агендата на тековни приоритети за решенијата кои мораат да се изнајдат за грчката криза со долгот целосно да ги засенат приоритетите на Унијата и на НАТО кои се однесуваат на проширувањето. Од тој аспект би ги гледал пораките кои ги испраќаат луѓето од ЕУ и од земјите-членки, за очекувањата за заеднички конструктивен пристап. Мислам дека тоа беше главната идеја на пораката на мојот германски колега: онака како што земјите членки покажуваат посветеност и вложуваат напори да помогнат на определена земја членка да ги надмине тековните проблеми, така и сите земји-членки треба да покажат определена позитивна енергија во правец на остварување на стратегиските цели на НАТО-Алијансата и на ЕУ.

Во продолжение министерот Попоски говори за можниот излез од ќорсокакот со Грција...

Аудио и видео прилози на оваа тема