1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: Се надеваме на препорака во декември

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска (29.10) во Брисел ја потпиша Спогодбата меѓу РМ и ЕУ за воспоставување рамка за учество на земјата во операциите на ЕУ за управување со кризи.

Спогодбата придонесува за натамошно развивање на партнерските односи во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската унија, во која Македонија активно придонесува преку учество во неколку мировни операции предводени од ЕУ, како и во развојот на нејзините борбени капацитети, беше констатирано денеска во Брисел.  Од страна на ЕУ, а во име на Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, спогодбата ја потпиша извршниот генерален секретар на Европската служба за надворешни работи, Пјер Вимонт.

„Визијата која ја негуваме, за една динамична, енергична, демократска земја, целосно интегрирана во европските и евро-атлантските семејства на народите, е еден чекор поблиску до целта. Се надеваме и веруваме дека земјите-членки на ЕУ во декември ќе ја одобрат препораката на Комисијата, четврта по ред, за започнување на пристапните преговори. Македонија ги има сите потребни административни капацитети за ефикасно и ефективно водење на преговорите за членство во ЕУ. Владата е целосно посветена за тоа да стане реалност - да ги спроведе неопходните реформи и во целост да ја подготви земјата за членство во ЕУ“, рече Попоски во Брисел.

Тој додаде дека „Македонија има постигнато континуиран напредок во подготовките за пристапување во рамките на Поглавјето 31 за Надворешната, безбедносна и одбранбена политика“.

„Денешното потпишување на Спогодбата помеѓу Европската унија и Република Македонија за воспоставување рамка за учество на Република Македонија во операциите на ЕУ за управување со кризи, јасно го одразува квалитетот на нашето тековно партнерство. Тоа е исто така одраз и на посветеноста на Европската унија за идна поблиска соработка во областа на управувањето со кризи“, нагласи Попоски.

Поврзана содржина