1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: Проширувањето останува на агендата на Данска

Македонија може да смета на поддршката од Данска за евроатланските интеграции, порача македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски за време на посетата на Данска.

Актуелениот претседавач со Европската унија останува на ставот за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Овој став на земјата-претседавач со Унијата денеска во Копенхаген му ја пренесе данскиот министер за европски прашања Николаи Вамен на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

„Проширувањето ќе остане во доменот на активностите на данското претседателство. Она што досега беше преземено од наша страна е поздравено. Се надеваме дека ќе постигнеме и напредок кон дефинитивно отпочнување на преговорите со Европската унија“, изјави по средбата министерот Попоски. Тој посочи дека приоритет за Македонија останува отварањето на пристапните преговори.

„Она на што посветено ќе работиме е да го скратиме максимално периодот којшто ќе ни биде потребен за официјалните преговори со ЕУ. Мислам дека тука се идентификуваме со интересите како на Данското претседателство, така и на Европската комисија. Во тој поглед Данска ги изрази очекувања дека ќе биде инволвирана и ќе го поддржува процесот на проширување на нашиот регион и по завршување на нејзиното претседателство и заедно ќе работи во рамки на триото за претседавање со ЕУ“, рече Попоски.

„Сметаме дека е исклучително значајно да ја задржиме методологијата која била применета во сите претходни проширувања. Република Македонија сака да се види како дел од семејството час поскоро. Од тој аспект ги делиме истите цели со Данското претседателство и климата која би се креирала во рамки на сите земји членки сигурно би требало да придонесува во правец на надминување на билатералните спорови во текот на пристапувањето. Мислам дека во тој поглед имаме презентирано многу аргументи дека статусот на Република Македонија без отпочнати преговори не овозможува да се промовира кредибилитетот на овој процес“, изјави Попоски.

Министерот Попоски денеска во данскиот парламент ќе се обрати на конференцијата Европските перспективи на Македонија што ја организира Данското европско движење.