1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: Позицијата на Атина е јасна

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски е во дводневна посета на Брисел, каде на средбите со европските политичари било порачано дека никој во ЕУ не може да влијае врз Атина да престане да ја блокира Македонија

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски по средбите во Брисел со европратениците Ричард Хауит, Чарлс Танок и Едвард Кукан, оцени дека позицијата на Атина е многу јасна, и таа е клучната детерминанта што влијае врз донесувањето на одлуката за тоа дали Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ.

„Со сите соговорници со кои разговаравме на темата Европскиот совет да додели датум за почеток на преговорите со Македонија, тие не чувствуваат можност да се убеди Грција дека е корисно да ги започнеме преговорите и мислам дека оваа позиција на Атина е многу јасна, клучна детерминанта што влијае врз носењето на одлука за почеток на преговори. Минатите циклуси видовме дека имаше придвижување и напори да се убеди Атина, но оттаму немавме позитивен одек. Согледувањата на сите кои се внатре во системот на европските институции е дека таму не постои подготвеност за придвижување во овој правец“, изјави Попоски.

Сепак, според шефот на македонската дипломатија, македонска должност е да направи максимум таа клима да се промени и интензивно ќе се работи, вклучително и со оние кои донесуваат одлуки во Атина.

„ЕК излезе со извештај во кој констатираше дека имаме напредок во сите оние поглавја што беа дефинирани во Пристапниот дијалог на високо ниво. Зголемениот интерес за тоа со какви тешкотии Македонија се соочува во процесот на почнување преговори е во интерес на ЕП оти европскиот законодавен дом секогаш стоел за задржување на кредибилитетот на проширувањето. Мислам дека сме во фаза во која практично сите соговорници се свесни дека потешкотиите во кои Грција се наоѓа се доволно голем товар за нив да не се занимаваат со ниту едно друго прашање. Од друга страна, пораките што ни се упатени од Атина се дека немаат волја да покажат поголемо ниво на конструктивност ни за време на грчкото претседавање со Унијата во однос ние да ги почнеме пристапните преговори“, смета Попоски.

За македонскиот министер за надворешни работи Попоски, она што е приоритет за Македонија, е сегашната позиција на ЕП, која е јасна и ја повторува и засилува позицијата на ЕК за Р. Македонија, да се задржи во однос на тоа дека е неопходно да почнат преговорите за членство заради нивото на усогласеност кое постои.