1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски очекува датум во декември

Во посета на Скопје е министерката за надворешни работи на Кипар, Козаку-Маркулис чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

Македонија е целосно подготвена да ги почне пристапните преговори со Европската унија, а нивниот почеток е неопходен за консолидирање на реформскиот процес, зајакнувањето на меѓуетничката кохезија и за зачувување на кредибилитетот на Унијата.

Ова е пораката што шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ја упатил на средбата со неговата кипарска колешка, Ерато Козаку – Маркулис, која денеска престојува во Скопје во својство на претставник на актуелното Кипарско претседателство со Советот на Европската унија.

Попоски очекува земјите-членки на ЕУ во декември да се водат од заедничкиот европски интерес и да донесат одлука за старт на пристапните преговори на Македонија.

Попоски ја нагласил и подготвеноста на Македонија за интензивирање на разговорите за името под покровителство на Обединетите нации и за доаѓање до решение кое ќе ги почитува меѓународното право, демократските принципи и човековите права.

Министерката Козаку – Маркулис, пак, ја реафирмирала заложбата на Кипарското претседателство за динамизирање на процесот на проширување и напредок на земјите-кандидати кон членство во ЕУ, врз основа на исполнување на поставените критериуми. Ја нагласила важноста на добрососедските односи како една од темелните вредности на европската интеграција.

Козаку – Маркулис за време на посетата на Македонија ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов и вицепремиерот за европски прашања Теута Арифи.