1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: меѓу Македонија и Грција „се планини“

Нема напредок во однос на спорот за името по средбата во Њујорк меѓу македонскиот и грчкиот шеф на дипломатијата. Попоски ја обвини Атина дека нејзините ставови се основа на проблемот.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, по средбата со грчкиот заменик премиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, изјави дека Грција не е заинтересирана за решавање на спорот и меѓу ставовите на двете земји ‘има планини’.

„Ставовите од југот се основа на проблемот. Немаме никакво убедување дека имаат желба да станат дел од решението. За се друго можеме да бидеме партнери, но за спорот, меѓу нас се планини“, изјави министерот Никола Попоски по 20 минутната тет-а-тет средба која се одржа за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Венизелос, пак, по средбата за грчките медиуми изјави дека на средбата со Попоски ги изнел грчките ставови за тоа како треба да се реши спорот за името. Венизелос, по средбата со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, изјави дека Грција инсистира Македонија да го смени името, и тоа да важи во сите употреби, според грчката формула ерга омнес.

Венизелос одбегна да зборува за априлскиот предлог на амбасадорот Метју Нимиц, кој претставува обид да се приближат ставовите на двете земји, и покрај тоа што Обединетите нации најавија дека неколку недели по Генералното собрание на ОН ќе се организира нова средба на претставниците на двете земји во Њујорк.

Вечерва во Њујорк, пред Генералното собрание, треба да се обрати претседателот на Владата на Македонија Никола Груевски, кој во сабота треба да се сретне и со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун. Свое обраќање пред Генералното собрание во петок треба да има и Венизелос.