1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: Клучот за спорот со името е во Атина

Македонскиот министер за надворешни работи Попоски во интервју за бугарскиот неделник „Тема“ оценува дека клучот за добри билатерлани односи е европската интеграција, а клучот за спорот за името во рацете на Атина.

Клучот за решавање на спорот со името е во Атина, вели шефот на македонската дипломатијата Никола Попоски во интервју за бугарскиот неделник „Тема“.

Прашан дали некој од соседите на Македонија може да се вклучи во решавањето на спорот со името, тој вели дека решението единствено зависи од промената на менталитетот кај грчките власти.

„Не мислам дека некој од регионот би имал главен придонес и би се вклучил во еден крајно ирационален проблем. Од изминатите 20 години стана јасно дека клучот за решавање на проблемот е во Атина, кај тие кои ги носат одлуките таму. (...) Не може да се бега од реалноста. А, таа е дека Република Македонија постои и ние сме дел од една заедница, каде доминантни треба да бидат почитувањето на правото и на демократските принципи“, вели Попоски.

Поевропски пристап во бугарско-македонските односи

Прашан за противењето на бугарскиот премиер Бојко Борисов на името „Северна Македонија“ како можно решение, Попоски смета дека е непотребно „кога тој спор се злоупотребува за поширока опструкција и блокирање на Македонија. (...) Сметам, дека секој добронамерен може да придонесе само ако предлага начини за дополнителна интеграција, а не за опструкции на процесот. Во таа смисла, Република Бугарија не би требало да ја изградува својата позиција врз основа на оспорување и блокирање на македонската интеграција. Затоа, би сакал да видам пораки што ќе бидат базирани на конкретна поддршка, на позитивен тон и на зголемувањето на комуникацијата помеѓу нас. Ние тоа го сакаме. (...) Мислам, дека Република Бугарија има можност по влегувањето во ЕУ да ја преземе улогата на мотор во интеграцијата во ЕУ на Западниот Балкан. И јас би сакал токму тоа да го видам во бугарската надворешна политика. Со тоа сите во регионот ќе добиеме“.

За унапредување на македонско-бугарските односи, министерот Попоски во интервјуто за бугарскиот неделник „Тема“ меѓу другото наведува:

„Понекогаш ни недостасува еден поширок, поевропски поглед на нештата. Мислам дека тоа е единствениот рецепт за добри билатерални односи – да ги гледаме преку призмата на успехот во европската интеграција и да сме заедно во европското семејство. Но, понекогаш во таа насока се појавуваат и проблеми. Се чувствува недостаток на позитивни примери за заемна соработка и тоа е сериозен недостаток. Постои тенденција вниманието да се фокусира врз проблемите и предизвиците. Затоа, сметам дека е многу важно пораките да се во европски дух. Во таа насока можеме многу да направиме – да го подобриме ликот на соседот, подобро да се запознаеме со него. Еве тоа треба да биде доминантно помеѓу нас“.