1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски и Бесими притискаат за членство на Македонија во НАТО

Амбасадорот на САД во НАТО Далдер побарал да се почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата во однос на Македонија. Македонската делегација во Брисел ги искажала очекувањата за придвижување на процесот за прием.

Во Брисел се оддржа состанокот на македонска делегација во присуство на министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски и Фатмир Бесими со Северно-атлантскиот совет на НАТО (НАЦ), на кој се разгледуваше извештајот за прогресот на Македонија во рамки на процесот за членство во НАТО. Според информациите на агенцијата МИА пренесени од директни учесници на состанокот, освен традиционалните партнери Турција, Словенија, Канада, Хрватска и Словачка, вчера неочекувано зад остварување на членството на Македонија во Северната алијанса застанал и американскиот амбасадорв о НАТО, Иво Далдер. Тој порачал дека „иако пресудата на Меѓународниот суд на правдата не ја менува одлуката на Самитот на НАТО во Букурешт оти Македонија ќе биде примена за членка откако ќе го реши спорот за името со Грција, одлуката на Судот од Хаг не смее да се игнорира и таа треба да служи како моментум за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение.

Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland vor Internationalem Gerichtshof in Den Haag

Меѓународниот суд во Хаг (архива)

За разлика од претходните вакви состаноци, грчкиот претставник, амбасадорот Параскевопулос бил тивок и во еден момент, по отворената дебата дека Македонија треба во најскоро време да стане полноправна членка на НАТО, понудил Грција да биде таа што ќе ја протурка Македонија во овој процес, без да има потреба одлуката за членство да се носи на Самит, но само се најде решение за спорот со името.

Министерот за надворешни работи Попоски на присутните им посочил дека 13 години Македонија, наместо на масата, се наоѓа на менито на НАТО и тоа трае предолго. „Го бараме нашето место на масата!“, дециден бил Попоски.

Според Попоски, на состанокот бил поздравен фактот што Македонија е суштински учесник во НАТО-мисиите и фактички се однесува како земја-членка. Од аспект на изгледите за придвижување, министрите Попоски и Бесими ги искажале очекувањата, а тоа е дека НАТО ги има дадено придобивките за стабилност и просперитет на сите земји што се приклучиле во минатото и тоа било одличен инструмент за елиминирање и надминување на билатералните спорови.

Nikola Poposki

Министерот Никола Попоски

„Со членство во НАТО, веројатноста за тензии и конфликти меѓу земјите-членки е елиминирана. Очекуваме тоа да биде пресликано и во нашата ситуација, при што го нагласивме фактот дека со членство на Македонија во НАТО би добиле и сите земји од регионот, кои притоа ќе ја почувствуваат таа позитивна клима што ќе се создаде. Таквата корист ќе се одрази и во Грција, која сигурно ќе има придобивки да ја види Република Македонија во НАТО. Значајно е што сите земји-членки на НАТО денеска го потврдија ова мое видување, дека Македонија предолго очекува влез во НАТО и сите дадоа силна поддршка тоа да се случи час поскоро. Со пораките што ги упативме, сметам дека целата заедница на Северно-атлантскиот совет е за еден степен посвесна дека членство на Македонија во НАТО е придобивка и одложувањето на таа придобивка само има негативни последици. Пораките на конструктивност и на барање на заеднички интерес се оние што беа очекувани да преовладеат и таквите пораки на земјите-членки се она што би требало да го придвижи нашиот јужен сосед во приближување и градење на клима што би и била поволна и корисна за двете земји и дефинитивно за НАТО“, заклучи македонскиот министер за надворешни работи.

Министерот за одбрана, Фатмир Бесими, пак, изјави дека на вчерашниот состанок на Северно-атлантскиот совет на НАТО се дискутирало за прогресот на Македонија во исполнувањето на НАТО стандардите во однос на членство во оваа организација. Првиот човек на македонската одбрана посочи дека амбасадорите на земјите-членки на НАТО заеднички констатирале дека Македонија има постигнато прогрес во однос на реформите.