1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски за Грција: Вистинската формула е зближување на луѓето и бизнисите

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој е дел од македонската делегација на самитот на НАТО, во интервју за МИА вели: „Нема да дозволиме некој да ни‘ ги засени целите“.

Македонија уште во 2008-та ги исполни сите критериуми да биде член на НАТО и одлуката за тоа од тогаш зависи единствено од волјата на една земја членка, иако таа легално се обврзала да не го блокира нашето членство во Алијансата. Како одговорна и конструктивна земја нема да дозволиме да ни ги засени целите некој кој сака да не држи во заложништво или генерира нестабилност, вели во интервјуто за МИА шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

„Судот на ОН го деградираат, своите обврски не ги исполнуваат, а договорите ги склучуваат за потоа да ги фрлаат во корпа. Скандалозно е да се истакне став за свесно силување на меѓународна правна рамка, која претходно ја наметнаа, измислувајќи спор пред 20-тина години. Истиот можеше и да не постои. Како што го нема во нормални земји, да речеме Белгија, која има провинција со исто име како и Луксембург, кој е држава“, потенцира Попоски.

Министерот Попоски, сепак подвлекува оти и во вакви услови Македонија ќе опстои на својата надворешна политика.

„Ние сме одговорна земја со јасна стратегија. Нема да дозволиме да бидеме загрозени, ниту пак дезориентирани. Тоа што некој сака да не‘ држи во заложништво или генерира нестабилност не смее да ни ги засени целите. Се однесуваме коректно, одговорно, демократски и од сите очекуваме реципрочно конструктивен пристап. Секој одлучува за својот пристап. Ние сме решиле да бидеме демократски, принципиелни и да ги почитуваме преземените обврски. Други одлучуваат да градат позиции преку продолжена непредвидливост и држење на соседот во заложништво. Времето ќе покаже што е правилно“, истакна Попоски.

Приоритет на македонската дипломатија, според него, останува нагласената конструктивност и заложба за мир, демократски принципи и просперитет, глобално, но пред се‘ регионално.

„Ќе работиме интензивно дури и кога наидуваме на неконструктивност. Само така може да се надеваме на промена на менталитетот. Мора да влијаеме кон промена во ова лудило од политика на опструкции, уцени и правење штета на соседот. Иднина се гради со пристап кој ја зголемува комуникацијата и довербата, но пред се‘ меѓусебната почит кон различностите. Така е меѓу луѓето. Истото важи и за државите. Убеден сум дека зближувањето на луѓето и бизнисите е вистинската формула. Таму ќе бидеме најмногу насочени“, нагласува министерот за надворешни работи Никола Попоски.