1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: Добрососедството се мери само по гестовите

Можноста за посета на грчкиот премиер Андонис Самарас на Скопје би ја споредил со веројатноста дали тој би се одлучил да ја посети Македонија или Антартикот, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Реферирајќи пред собраниската Комисија за надворешна политика, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски оцени дека евентуална посета на премиерот Самарас или неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос на Македонија би била потврда на нивните заложби за интеграција на регионот во Европската Унија. Но можноста за тоа да се случи Попоски ја спореди со можноста за посета на Антартикот:

„Можноста за посета на премиерот Самарас или министерот за надворешни работи Аврамопулос мислам дека може само да биде само потврда на посветеноста на една земја која се промовира како заложник за процесот на проширување. Тоа што претстои - претседавање од страна на Република Грција со Европската Унија, може да биде аргумент повеќе. Дали сакаме или не сакаме, добрососедство може да се мери само со гестови. Веројатноста тоа да се случи со оглед на преговорите, не би ја споредувал со веројатноста за посета на кипарски претседател на Турција, повеќе би ја споредувал со веројатноста на тоа дали премиерот на Грција би се одлучил да ја посети Македонија или Антартикот", рече Попоски.

Шефот на дипломатијата ја посочи македонската заинтересираност за интензивирање на комуникацијата со Грција, особено во контекст на јануарската посета на медијаторот Метју Нимиц на двете земји.

„Никој повеќе од нас не е заинтересиран за интензивирање на дијалогот со Република Грција и за изнаоѓање решение по прашањето кое ни е наметнато од страна на Република Грција. Остануваме на нашиот конзистентен став за активно и конструктивно учество во дијалогот под покровителство на Обединетите Нации и се залагаме за почитување на меѓународното право, сите релевантни резолуции на Обединетите Нации и на неговите компетентни органи, особено Меѓународниот суд на правдата", нагласи Попоски.

Говорејќи за добрососедските односи, Попоски посочи дека Македонија е детерминирана да работи во таа насока, но очекува тоа да биде во двата правци.

„Имаме клучен интерес од македонска страна да градиме мостови на соработка со сите земји од нашето непосредно и пошироко опкружување. Тоа ќе го правиме континуирано во следниот период и нагласуваме дека на добрососедството гледаме како на двонасочна улица. Очекуваме од сите наши соседи исто таков искрен и конструктивен пристап во градење на тие мостови", рече министерот за надворешни работи.

Тој нагласи дека цел на дипломатијата и во 2013 година останува отворањето на пристапните преговори со Европската Унија.

„Целта наша за отпочнување на овој процес на преговори не е декларативна. Се работи за досие за кое имаме целосен политички и внатрешен консензус во државата и се работи за највисока цел на која сме посветени да ги мобилизираме сите ресурси на внатрешен план", рече Попоски.

Прашан за курсот на американската надворешна политика кон Македонија по именувањето на Џон Кери за државен секретар, Попоски со став:

„САД, како супер сила, имаат определена стратегија која е компатибилна и ги поддржува стратешките цели на Република Македонија, а тоа е зачленување во НАТО-алијансата и Македонија како дел од Европската Унија. Бидејќи се работи за супер сила, ставовите не може да варираат зависно од администрацијата и мислам дека може да очекуваме конзистентна политика на поддршка", рече Попоски.

Согласно најавениот бојкот на Собранието, излагањето на Попоски пред комисијата помина во отсуство на пратениците од опозицијата.