1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски: Блокирањето да не стане „омилен спорт“ на Балканот

Шефот на македонската дипломатија, Попоски на средбите на маргините на минхенската конференција порачал дека треба да се спречи блокирањето на евроатлантското интегрирање да стане атрактивен спорт во балкански контекст.

Зачленувањето на Македонија во ЕУ и во НАТО е придобивка за сите земји од регионот, вклучувајќи ги и оние кое веќе се дел од НАТО и ЕУ, е заедничка констатација од средбите кои македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски ги имал со неговите ресорни колеги за време на одржувањето на 49. Меѓународна безбедносна конференција во Минхен, јави агенцијата МИА.

На сите билатерални средби, со сите соговорници од повеќе земји членки на ЕУ, како и со аналитичари кои ги следат евроатлантските интегративни процеси во подолг временски период, истакна Попоски, е нагласена конструктивната улога што ја има Македонија како фактор на стабилност.

„Од македонски аспект го потенциравме фактот дека во долг временски период сите оние услови кои нормално се поставени за сите земји членки се остварени од Македонија и оти принципиелно би било според истата логика според која се одвивало досегашното проширување, односно врз принципи и правила, да се почитува и во македонскиот случај, да спречиме каков било процес што би го направило блокирањето атрактивен спорт во балкански контекст“, изјави Попоски денеска по завршувањето на средбата со неговиот полски колега, Радослав Сикорски.

Попоски истакна дека вчера имал можност да дискутира и со неговиот бугарски колега. „Заеднички се заложивме за тоа работата и дијалогот помеѓу двете МНР да продолжи и да не дозволиме какво било генерирање на негативна енергија во јавноста, што мислам дека не може никому да користи“, констатира шефот на македонската дипломатија.

Инаку, на средбите што ги имаше Попоски на маргините на минхенската безбедносна конференција, заедничка била и оценката дека веќе се надминати оние безбедносни прашања во ЈИЕ, но поголем ризик постои, како што изјави македонскиот шеф на дипломатијата, од атрактивноста на определена радикализација во политичката реторика во повеќе земји.

„Тоа е ризик кој не треба да се потценува и најдобар начин да се справиме со таков тип на ризици е да се задржи кредибилитетот на интеграциските процеси“, изјави денеска минстерот за надворешни работи на РМ, Никола Попоски.