1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попоски бара гестови од Атина

Шефот на македонската дипломатија оценува дека заложбите за проширувањето на ЕУ од страна на грчката Влада отвораат можности за интеграцијата на Македонија. Тој очекува интензивирање на активностите на медијаторот Нимиц.

Заложбите за исчекор во однос на проширувањето на ЕУ од страна на новата грчка Влада е одличен почеток и отвора нови можности за евроинтеграцијата на Македонија. Оваа можност дефинитивно може да биде искористена, особено ако се има предвид влијанието на Атина кај Кипар, актуелниот претседавач на Унијата, но почитуваме конкретни гестови, оцени денеска македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

Шефот на македонската дипломатија истовремено го поздрави формирањето на Владата во Грција, и побара повеќе конкретни активности и гестови кои ќе градат мостови меѓу двете земји.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen

„Тоа што го слушнав е дека декларативно се искажани заложби за исчекор. Наша порака на тоа е дека потребно е да се искористат сите можности кои постојат во моментов за грчката Влада да потврди преку гестови таа конструктивност или заложба за одржување на процесот на проширување со сите земји кои се потенцијални кандидати за членство во НАТО и ЕУ. Мислам дека фактот што Кипар го презема претседателството со ЕУ отвара една огромна можност, особено со оглед на тоа што одлуките за проширувањето во однос на натамошните интеграции, особено во поглед на Република Македонија се носат во Атина. Ние сакаме да видиме дека таа можност ќе биде искористена“, рече Попоски.

Тој се осврна и на реафирмирањето на иницијативите покренати од македонска страна до Грција за градење клима за подобрување на билатералните односи. Станува збор за стари иницијативи, некои од кои датираат уште од Времената спогодба, а кои или се одбиени или се отфрлени или нема одговор од грчка страна. „Отворени сме за соработка, вие решете кои гестови да ги направиме, но дајте да направиме, да не зборуваме за добрососедски односи и во исто време да лепиме налепници кои се навредливи, бесправни и немаат никаква основа“, вели Попоски.

Шефот на македонската дипломатија информира и дека засега нема најави од медијаторот на ОН во грчко-македонските разговори за името Метју Нимиц за нови иницијативи или средби, но очекува поинтензивни активности од негова страна по формирањето на новата Влада во Атина.

Поврзана содржина