1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Поплави поради поројните дождови во охридско

Вчера наврнатите 32 литри дожд на метар квадратен во охридскиот регион резултираа со покачување на нивото на реките од сливот, кои на критичните места се излеаа од своите корита.

Обилните врнежи од дожд кои го зголемија нивото на Охридското Езеро за 21 сантиметар, предизвикаа низа проблеми долж целото крајбрежје. Почнувајќи од преплавениот колекторски систем кај селото Подмолје и населбата Далјан, па се до поплавените индивидуални куќи во Пештани. Во ова охридско село, повеќе од еден месец подрумските простории во куќите се целосно под вода, а како што велат пештанци, проблемот се провлекува со децении. „Отсекогаш го имаме овој проблем. Поплавени ни се подрумските простории во куќите. И тоа не е само во нашата куќа, туку во повеќето во селото. Онаа пострашното допрва следува кога водата ќе се повлече. Како и да е, штетите се секогаш на наши грб“, вели Ристе Башоски, жител на крајбрежното село Пештани.

Од Центарот за управување со кризи, информираат дека нивото на Охридското Езерото во последните два дена е непроменато, односно изнесува 693,96 што претставува дваесет и еден сантиметар над максималната кота која се наоѓа на 693,75 метри надморска височина.

Надојденото езеро и интензивните врнежи од дожд кои изминатиов период го зафатија охридскиот регион, ги „проголтаа“ и поголемиот број од плажите на источното крајбрежје.

Под вода се наоѓаат и голем број шахти долж крајбрежјето, а екологистите стравуваат од евентуално излевање на веќе оптоварениот колекторски систем. Научните работници, во повеќе наврати апелираат навремено да се регулира истекот на Охридското Езеро, со цел поплавите од пред неколку години да не се повторат.