1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Попишувачки маки големи

На повеќе од половина од предвидениот рок за спроведување на пописот во Македонија, атмосферата се вжештува. Партиите се‘ погласно се жалат на неправилности во постапката на попишување. Државната пописна комисија смирува

default

Едни бројат вака, други онака...

Иако денеска (10.10) е десетти ден од пописот во Македонија, 28 отсто од пописните тимови се‘ уште не почнале со својата работа, соопшти официјално Државната пописна комисија. Попишувачите, праксата тоа го покажа, на терен имаат мноштво проблеми, особено во западниот дел на Македонија, каде веќе има регистрирано и физички пресметки, проблеми со начинот на попишување, проблеми со формирањето на етнички мешаните попишувачки тимови, нивната обука, пописните материјали и друго. Многу веројатно е дека ќе има и различни начини на попишување, за што ДПК се закани и со кривично гонење на попишувачите кои нема да се приддржуваат до утврдените процедури.

Организацијата подобра, проблемите остануваат

„Врз основа на она што значи прва половина од пописот може да се каже дека од технички и организациски аспект пописот од ден на ден станува се‘ подбар и подобар, но од суштински аспект има проблеми на теренот. Ставот на ДПК е јасен - методологијата на пописот е усвоена уште на првите седници и се‘ она што на терен ќе се утврди дека е поинаку од утврдената методологија, нема да биде прифатено“, изјави вчера за Дојче веле портпаролот на ДПК Кирил Барбареев.

Mazedonien Land und Leute Mann und Frau auf Parkbank

ДПК убедува дека нема потреба од продолжување на рокот за попишување

Сите проблеми на теренот, односно недовербата и различните толкувања меѓу учесниците во пописот, во јавноста создава ни малку пријатна слика за текот на оваа важна статистичка операција, што се одржува секоја десетта година. Дисонантноста на ставовите, што беше забелажена при подготвувањето на пописот, а кулминираше со оставките на претседателот и заменик претседателот на Државната пописна комисија на еден ден пред неговиот почеток, сега се повторно актуелни.

Претседателката на комисијата Слободанка Гиевска деновиве од петни жили се обидува да ја убеди јавноста дека нема потреба од продолжување на рокот за попишување, наспроти нејзиниот заменик Бујар Османи, кој постојано тврди дека пописот ќе се пролонгира.

„За ова прашање ние воопшто немаме дискутирано и согласно ставовите на експертите, ќе чекаме да дојде критичниот ден за да утврдиме дали динамиката е соодветна за пописот да се заврши во предвидениот рок или не е содветна и тој ќе мора да се продолжи. Нема никакви индиции за продолжување на рокот по 15 октомври“, изјави претседателската на ДПК Слободанка Гиевска.

Партиите со стари фрази

Остана и разликата околу толкувањето на членот 6 од Законот за попис за попишување на лицата кои повеќе од една година се надвор од Македонија, а во изминатите 12 месеци барем еднаш биле дома. Ставот на ДПК и на странските експерти е дека тие не може да се попишуваат затоа што се попишуваат во земјата во која привремено живеат и работат, но претставниците на албанската етничка заедница сметаат поинаку, па на терен во тетовско, гостиварско и кичевско веќе биле попишувани и овие лица, со фотокопии од нивните документи.

Volkszählung Frau mit Strichcode auf der Stirn Symbolbild

Различно толкување на членот 6 за попишување на лицата кои се подолго од една година надвор од Македонија

Иако сите апелираа политиката да не се инволвира во оваа техничка операција, сепак, во пракса секојдневно има спротивни примери. За комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамамберг многу е лошо доколку  една техничка операција, каква што е пребројувањето на луѓето, се исполитизира. Тој апелира тоа по секоја цена да се избегне. Но, од друга страна, се чини дека овие апели се веќе задоцнети затоа што партиите ја почнаа нивната позната песна.

Раководството на ДПА официјално расправаше за пописот и оцени дека тој е манипулиран од Владата:

„Ние сме многу блиску да излеземе со дециден став дека резултатите од пописот нема да бидат прифатливи за ДПА и за Албанците во Македонија воопшто“, изјави генералниот секретар на партијата Метин Изети.

И најголемата опозициска партија излезе со критика за првите неколку дена од реализацијата на пописот. СДСМ ја обвини Владата дека не го организирала и не го спроведува добро пописот, оценувајќи дека тој се изведува со законски прекршувања, без добра организација и спротивно на препораките на Еуростат и ОН:

„Може да се констатира дека власта не е кадарна да спроведе ниту редовна статистичка операција како што е пописот. Прво, недозволиво е да не бидат во целост формирани попосните тимови, а веќе помина половина од времето и второ, недозволиво е во земја кандидат за членство во ЕУ пописот да го карактеризираат инциденти на терен“, оценува  Драган Тевдоски, член на ИК на СДСМ.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска