1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пописот подготвен, а проблематичен?

Македонската влада, на синоќешната (13.10) вонредна седница, го утврди текстот на Предлог законот за престанок на важноста на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија во 2011-та.

default

Предлог законот ќе биде доставен до Собранието на Република Македонија за да се стави на расправа по скратена постапка. За тоа време, партиите во Македонија повторно се поделија околу тоа кој е виновен за пропаѓањето на оваа исклучително важна статистичка операција. Експертите, пак, спорат околу тоа дали државните органи беа подготвени за попис, кој треба да ја понесе одговорноста и што натаму.   

Проблемите требаше да се кажат порано

Поранешниот директор на Заводот за статистика на Македонија Дончо Герасимовски, кој досега учествувал во пет пописи, освен последниов, за Дојче Веле објасни дека од сето она што досега е кажано и покажано за пописот јасно е дека тој имаше организациски пропусти, за што еднакво се виновни и ДПК и Заводот за статистика. Покрај колективната оставка на членовите на Државната пописна комисија, Герасимовски смета дека својата функција треба да ја напушти и директорката на Заводот за статистика Благица Новковска.

Deutschland Symbolbild Volkszählung Formular auf einem Klemmbrett

Има потфрлање при изборот на реонски инструктори и попишувачи, кои не беа обезбедени навремено, вели Герасимовски

„Жално е што прво се велеше дека пописот е добро организиран, дека се‘ е во ред, а само на ден пред почетокот оставка поднесе претседателката на комисијата и кажа дека има проблеми. Проблемите требаше да се кажат порано. Организациски има потфрлање при изборот на реонски инструктори и попишувачи, кои не беа обезбедени навремено“, вели Герасимовски.

За пописот да биде добро подготвен требаше сите комисии и попишувачи да бидат подготвени уште 15-20 дена пред почетокот на рокот, населението требаше да биде навремено информирано, пописниот материјал да биде навреме дистрибуиран итн. Околу штетите што се направија со прекинатиот попис, Герасимовски вели дека станува збор за попусто фрлени пари за печатење на материјалите и за надоместоците на сите инволвирани во оваа операција, а такви има многу.

Останува пребројување на штетите

„Ова што сега се направи е завршена работа. Критичен момент беше 30 септември 2011 година, во 24 часот. Тогаш беше пресекот. Од овој рок наваму сите промени не се важат и земаат за релевантни. За шест месеци ќе се сменат демографските појави, ќе има поинакви миграциски движења, поинаква економска и социјална структура, ќе има нови дипломирани, вработени, ќе има родени и умрени, вели Герасимовски и додава дека сега останува само пописниот материјал да се складира во депото на Заводот и да се пребројуваат штетите.

Во врска со обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ, за пописен фалсификат во 2002 година, Герасимовски објаснува дека тогаш пописот го подготвуваше, организираше и спроведуваше владата на Љубчо Георгиевски. Претседател на државната пописна комисија беше либералот Зоран Крстевски, а директор на Заводот за статистика прво беше Светлана Антоновска, а потоа и Благица Новковска. Тој за директор на Заводот за статистика дошол во 2003 година, кога веќе биле обработени 30 до 40 отсто од пописниот материјал.

„Ако во 2002 година  имало вакви сомневања, според истите сегашни услови, зошто властите и тогаш не го прекинаа пописот? И тогаш имаа можност да го направат истото, ако се сомневаа во попишувањето“, објаснува Герасимовски.

Инаку, пописот во 2002 година чинел шест милиони евра, наспроти сегашните 14 милиони евра.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM