1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пописот - жртва на политиката

Зошто во Македонија пописот, освен статитистичка, е и политичка операција? Пребројувањето на населението најверојатно повторно ќе биде одложено. Надлежните работат на подготовката, но политиката има други приоритети.

default

Она што во Европа се смета за техничка операција, во Македонија е проект, обременет со низа проблеми. Како што изгледа, по трет пат од осамостојувањето, пописот како неоходна статистичка алатка, најверојатно ќе претрпи одложување. Ниту еден попис од прогласувањето на независноста не се одржа во предвидениот рок. Првиот попис во 1991 година беше одложен поради бојкотот на етничките Албанци. Следниот попис од 2001 беше одложен поради безбедносната криза и се одржа во 2002 година. Предвремените избори годинава веројатно ќе му го земат терминот на пописот предвиден да се одржи во првата половина на април. Потпретседателот на Државната пописна комисија, Абдулменаф Беџети, не крие дека таа опција е се` поизгледна.

“За жал во овој период кога политичките тензии се на високо ниво, постои реална шанса тоа да се случи, особено што некому му одговора пописот да го исполитизира уште повеќе, отколку што тој реално е исполитизиран“, изјави Беџети за Дојче веле.

Пописната комисија блокирана од политички проблеми

Volkszählung Frau mit Strichcode auf der Stirn Symbolbild

Доколку се одржи навремено, резултатите од пописот ќе бидат познати во 2012 година

Дали освен политички проблеми подготовоката на пописот ја следат и други слабости? На тоа прашање одговара поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски.

“Секогаш на пописите имало забелешки за составот на пописните комисии, попишувачите, односно за етничкиот состав на сите учесници во пописот“.

Надлежните велат дека интензивно се подготвуваат за одржување на пописот, иако работата на Државната пописна комисија е блокирана, откако членовите од албанска и турска националност си заминаа од комисијата, револтирани од етничката застапеност на теренските попишувачи. На последниот попис во 2002 година, како Македонци се изјаснија околу 64 проценти, а како Албанци една четвртина од двомилионското население. Резултатите од новиот попис, ако се одржи во предвидениот рок, треба да бидат соопштени најдоцна до 1. јули 2012 година. За неговото спроведување ќе бидат ангажирани околу 20 илјади луѓе, а пописот ќе ја чини државата околу 14 милиони евра.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Трајче Тосев