1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Понта ја претстави новата романска влада

Мандаторот за состав на новата романска влада, Виктор Понта, синоќа го објави составот на новиот владин кабинет кој ќе го води до парламентарните избори во ноември.

Новата влада ја сочинуваат министри од Социјално-либералниот сојуз, во кој партиципираат Социјалдемократската, Национално-либералната и Конзервативната партија, чии пратеници во петокот и‘ изгласаа недоверба на досегашната влада на Михај Унгуреану.

„Ова е посебна влада составена за посебно време. Има ограничен мандат - до парламентарните избори во ноември“, изјави Понта на прес-конференција во Букурешт.

Според Понта, еден од приоритетите на неговата влада ќе биде „исправање на неправдата и неправилностите“.

Новата влада има 21 член. Вице-премиер и министер за финансии е Флорин Георгеску, а шеф на дипломатијата е Андреј Марга. Корнелија Добротоја е нов министер за одбрана, Јоан Рус за внатрешни работи, Виктор Пол Добре за државна администрација, а Леонард Орбан за европски прашања.

Се очекува парламентот да гласа за избор на владата на Понта на 7 мај.

Доколку владата не добие доверба во парламентот, не е исклучено во Романија да бидат одржани предвремени парламентрани избори на почетокот на летото.

Кабинетот на претходниот премиер Унгуреану се соочи со незадоволство поради политиката на економско штедење, што инаку е дел од договорот со ММФ. Досегашната влада беше формирана пред само два месеци по оставката на претходниот премиер Емил Бок во февруари годинава, по серијата масовни протести и зголеменото незадоволство на граѓаните.