1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Понта сепак доби мандат да формира влада

На општо изненадување, и покрај меѓусебниот спор, романскиот претседател Трајан Басеску му даде мандат на лидерот на социјалдемократите Виктор Понта да формира влада на Романија.

По денешните получасовни консултации со парламентарните партии романскиот претседател Трајан Басеску го номинира претседателот на Социјалдемократската партија Виктор Понта за премиер на земјата, соопштија романските медиуми.

Според извори кои учествувале на средбата, Понта бил единствениот предлог понуден на консултациите, соопшти Аџерпрес.

Освен од социјалдемократите, неговата кандидатура, исто така, била поддржана и од Национално-либералната партија, Конзервативната партија, Националниот сојуз за прогрес на Романија и од групата на националните малцинства.

Демократско-либералната партија, Граѓанска сила, Демократскиот сојуз на Унгарци во Романија и Партијата на народот - Дан Даконеску не понудиле свои предлози за премиер.

Социјал-либералниот сојуз, што ги обединува социјалдемократите, либералите и конзервативците, освои околу 60 проценти од гласовите на парламентарните избори на 9 декември, но прашањето за номинацијата на премиер стоеше отворено, затоа што Басеску повеќе пати имаше изјавено дека никогаш повеќе нема да му ја предложи премиерската функција на Понта.

Во текот на летото владата, предводена од Понта, имаше неуспешен обид да го отстрани Басеску од должноста.