1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Помош за Грција, но со услови!

Пратениците на германскиот парламент денеска (10.06) сигнализираа принципиелна согласност со барањето на владата за одобрување натамошна финансиска помош за Грција. Согласноста, меѓутоа, е поврзана со одредени услови.

default

Министерот за финансии, Волфганг Шојбле

Пратениците на Бундестагот, со мнозинството гласови на владејачките партии, го поддржаа денеска барањето на владата за одобрување натамошна финансиска помош за Грција. Тие, истовремено, бараат Грција да даде сопствен прилог за надминување на буџетската криза и тоа преку продолжување на реформскиот курс и забрзана приватизација на државната сопственост. Фокусот на реформите треба да биде посебно на засилување на конкурентната способност на грчкото стопанство. Освен тоа, Бундестагот побара натамошната финансиска помош за Грција да биде врзана за учество на ММФ, како и за соодветно преземање на товарот и од страна на приватните банки. Конечно, парламентот бара да му биде поднесена на одобрување секоја одлука на владата во Берлин поврзана со должничката криза на Грција, која може да има финансиски последици.

Ситуацијата сериозна за цела Европа

Претходно, министерот за финансии Волфганг Шојбле апелираше до пратениците да му дадат поддршка на владиниот предлог, образложувајќи дека ситуацијата во Грција, но и во цела Европа е сериозна. Постои опасност од несолвентност на грчкиот буџет, што би имало далекусежни последици за целата еврозона, но и светската економија пошироко.

Bundestag - Debatte um Griechenlandhilfe

Франк-Валтер Штајнмајер, шеф на собраниската група на СПД

„И затоа ја барам вашата согласност за да ја затвориме дупката во грчките финансии, така што ќе биде можно исплаќањето на траншата помош, предвидена за јули.“

Шефот на пратеничката група на опозициската Социјалдемократска партија, Франк-Валтер Штајнмајер, предупреди дека не е доволно само да се зголемуваат средствата за помош за Грција. Обраќајќи им се на членовите на владата тој порача:

„Без сеопфатно решение ќе мораме, ќе морате, постојано да создавате нови и нови пакети за спасување, а притоа нема да успеете да ја надминете недовербата на финансиските пазари.“

Германија зависи од извозот

Bundestag Energiepolitik Atomausstieg Gysi

Грегор Гизи, шеф на пратеничката крупа на Партијата на левицата

Лидерот на социјалдемократите Зигмар Габриел оцени дека натамошната помош за Грција е важна и за обезбедувањето на благосостојбата на граѓаните во Германија. „Ако не помогнеме во надминувањето на кризата во Грција и со тоа во стабилизирањето на еврото, тогаш ризикуваме да бидеме соочени со голема невработеност во нашата земја“, порача Габриел и додаде: „Во наш интерес е тие земји да останат стабилни, бидејќи таму ги продаваме нашите производи!“

Партијата на Зелените се заложи за тврдо реструктуирање на грчкиот долг. Мораме да повлечеме црта во грчката должничка агонија, порача заменик претседателот на опозициските Зелени, Фриц Кун. Тој нагласи дека и банките мораат да преземат дел од товарот на кризата.

„Маршалов план“ за Грција

Претседателот на собраниската група на Партијата на левицата, Грегор Гизи, го критикуваше однесувањето на владата:

„Банките одамна веќе ги продадоа грчките државни обврзници, што ги имаа откупено и тоа во најголема мера на Европската централна банка. Ако сега спроведеме реструктуирање на грчкиот долг, тогаш сметката за тоа ќе ја платат граѓаните на ЕУ!“

Гизи исто така побара создавање „Маршалов план“ за Грција, кој ќе донесе нови инвестиции во тамошната економија. Досегашниот пристап на владата само ја влошува кризата, оцени Гизи. На тој начин може само да се уништи некоја економија, а не да се спаси!

Автор: Петер Штицле/ дпа / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Поврзана содржина