1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Помошта од Меркел не му е доволна на Саркози

Дуото „Меркози“, Меркел-Саркози, го води главниот збор во европската политика, но му е од мала помош на Саркози во битката за втор мандат. Французите сепак сакаат автохтона политика.

default

Ангела Меркел и Никола Саркози

Претседателските избори во Франција ќе се одржат на 22 април. Францускиот претседател Никола Саркози според анкетите има помали шанси за победа од опозицискиот социјалист Франсоа Оланд. Според аналитичарите, ниту помошта која му ја вети германската канцеларка Ангела Меркел нема да му помогне на Саркози

Заедничката предизборна кампања веќе започна: во едно ТВ-интервју со Никола Саркози на почетокот на февруари, германската канцеларка Ангела Меркел му вети поддршка во борбата за нов мандат. Целта е на Французите да им се доближи т.н. „германски модел“ и да се покаже дека кризата може да се надмине со спроведување на тешки социјални реформи, оценува Клер Демесмај, која се занимава со германско-француските односи во рамките на Германското друштво за надворешна политика во Берлин.

Саркози во својата предизборна кампања дури сакаше да ги искористи и германските социјални реформи кои ги започна поранешниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер.

„Тој на овој начин сакаше да покаже дека во Европа постои модерна, храбра левица, која може да ги спроведе овие реформи. А за разлика од неа, во Франција левицата да ја прикаже како старомодна“, вели Демесмај.

Französische Präsidentschaftskandidaten 2012 Nicolas Sarkozy

Саркози за време на кампањата

Но, стратегијата на Саркози се покажа неуспешна. Французите едноставно не сакаат да им се наметнува германскиот модел на социјални реформи.

„Тие пред се’ сакаат самите да одлучуваат. Сакаат да имаат можност за сопствен избор и сакаат да си го задржат суверенитетот“, додава Демесмај.

Французите сакаат автохтона политика

И Етјен Франсоаз од Францускиот центар при Слободниот Универзитет во Берлин верува дека помошта од Меркел не се покажала како добар адут за Саркози. Самиот Саркози, пак, во меѓувреме сфати дека неговите сограѓани повеќе ги интересираат внатрешнополитички теми. Кога Саркози се закани дека ќе се залага за заострување на правилата во Шенген зоната, неговата популарност нагло порасна.

„За да добие доволно гласови Саркози ќе мора да ’лови’ и во атарот на радикалната десница. Тој се прикажува како голем поддржувач, како голем Европеец. Тој сака да покаже дека навистина е за обединета Европа, за интеграција, но само со почитување на француските интереси“, проценува Демесмај.

Штефан Зајендорф од Германско-францускиот институт во Лудвигсбург, пак, верува дека Саркози ќе заигра на „картата“ Меркел, но подоцна во текот на кампањата, кога ќе се говори повеќе за надворешната и европската политика.

„Засега за двајцата ривали е најважно да ги задоволат интересите на левичарските и десно ориентираните групи“, смета Зајендорф.

„Меркози“ не е нова кованица

Französische Präsidentschaftskandidaten 2012 Francois Hollande

Франсоа Оланд

Помошта од странство често играла улога на француските избори. Дури и комбинацијата на презимето Меркел-Саркози, „Меркози“ не е нова. Слична кованица беше употребувана за да се опише и соработката меѓу левичарските лидери Франсоа Митеран и Хелмут Шмит во 80-те години на минатиот век, имено „Шмитеран“.

Она што е засега видливо, е дека конзервативните европски лидери го избегнуваат левичарот Оланд. Дури и полскиот премиер Доналд Туск неодамна не најде време да се сретне со Оланд за време на неговата посета на Варшава, а слични сигнали стигнаа и од актуелните шефови на влади-конзервативци од Шпанија, Италија и Велика Британија.

Како и да е, доколку Оланд биде избран во Франција, шефовите на држави и влади ќе мораат да соработуваат со него, без разлика на која опција и припаѓаат, заклучува Демесмај.