1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

„Помор“ на фаворитите во германскиот куп

Бајер Леверкузен, Вердер, Волфсбург, се само дел од водечките тимови во германската Бундеслига кои се избламираа уште во првото коло на купот, по поразите од послабо рангирани екипи

default

Фудбалерите на Динамо Дрезден го елиминираа Бајер Леверкузен

Четири бундеслигашки тимови не успејаа да го минат ниту првиот чекор во германскиот фудбалски куп. Во неделата Фрајбург се лизна кај третолигашот Унтерхахинг и загуби со 2:3. За играчите на нисколигашот тоа беше остварување на сонот.

„Мислам дека секој во клубот, од чистачката до директорот, ја заслужија оваа победа. Машки се боревме, дадовме се’ на теренот. Чувството е извонредно“, изјави фудбалерот на Унтерхахинг Јонас Хумелс.

Почетокот на сезоната не ветува многу ниту за Вердер од Бремен. Тимот загуби од третолигашот Хајденхајм со 2:1. Спортскиот директор Клаус Алофс ги сумираше впечатоците.

„Фудбалот е игра во која секогаш се прават грешки, а ние ги направивме во клучните моменти од мечот. На крајот не можевме да ги исправиме. Ова беше една бламажа“.

DFB-Pokal RasenBallsport Leipzig gegen VfL Wolfsburg

Момент од дуелот Лајпциг-Волфсбург

Во аут е и шампионот од 2009 година, Волфсбург по поразот од 3:2 кај четвртолигашот Лајпциг. Тренерот Феликс Магат беше полн со иронија по мечот.

„Тоа беше еден убав, типичен куп натпревар, за што се разбира и ние придонесовме. Во секој случај многу љубители на фудбалот се израдуваа на мечот и на резултатот од него. Ние секако не бевме меѓу нив“, рече Магат.

Катастрофа за Леверкузен

Сепак, печат на првото куп коло му даде мечот во Дрезден и катастрофата која ја доживеа Бајер Леверкузен против домашниот Динамо. Фудбалерите на второлигашот го остварија наизглед невозможното и успеаја, не само да ја надокнадат негативата од 0:3, туку по продолженијата и да победат со 4:3. Тренерот на Дрезден Ралф Лузе знае каде беше извојувана победата.

„Со двата гола кои ги постигнавме, играчите си ја вратија самодовербата, а Леверкузен беше шокиран. Потоа успеавме тоа, малку и среќно, да го претвориме во победа“.

Останатите фаворити суверено ги одбранија фаворитските улоги. Шампионот Борусија Дортмунд оствари лесна победа од 3:0 против нисколигашот Зандхаузен, додека актуелниот бранител на трофејот во Купот, Шалке ја извојува најубедливата победа во колото, од 11:1 против седмолигашот Тенинген. Во последниот натпревар од премиерното коло, вечерва Бајерн Минхен му гостува на второлигашот Ајнтрахт Брауншвајг.

Автор: Тобиас Олмајер/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска