1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Помирувањето не е задача на Хашкиот трибунал

Хашките пресуди секогаш различно се толкуваат. Германците 50 години не ги сметаа за објективни пресудите од Нирнберg, а денес на тоа гледаат поинаку, вели за ДВ Милан Косановиќ, историчар на Универзитетот во Бон

Во четвртокот во седиштето на ОН во Њујорк заврши дебатата за работата на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија. Говореа 42 учесници, меѓу нив и српскиот претседател Томислав Николиќ кој го спореди Хашкиот трибунал со инквизиција бидејќи носел „политички пресуди“. Неколку говорници потенцираа дека „главна цел на меѓународното право е помирување и враќање на општеството во нормални текови“ (Јоанис Варалис, делегација на ЕУ при ОН) и дека „Хашкиот трибунал не придонел во процесот на помирување“ (Виталиј Чуркин, амбасадор на Русија во ОН). За актуелниот претседавач со Генералното собрание на ОН, Вук Јеремиќ, кој беше организатор на дебатата, од изнесеното можело јасно да се заклучи дека „било урнато едно табу“ и дека „угледни правни експерти и други јавни личности изнеле ставови кои се поклопувале со српските“.

Меѓу присутните ги немаше претседателот на Хашкиот трибунал Теодор Мерон и претседателот на Меѓународниот кривичен суд Сонг Санг-Хјун. За ДВ дебатата ја коментира Милан Косановиќ, историчар на Универзитетот во Бон.

ДВ: Дебатата требаше да ја тематизира улогата на Трибуналот во помирувањето на воените подрачја. Многумина имаа забелешки и на самата тема?

Косановиќ: Судот е институција која треба да бара правда, а не помирување. Уште при основањето на Судот се случи пропагандно недоразбирање бидејќи како функција на судот се наведува и помирувањето во земјите од поранешна Југославија- иако тоа не може да биде функција на ниту еден суд на било кое ниво“.

ДВ: Српскиот претседател Николиќ излезе со податок дека Србите биле осудени на вкупно 1.150 години затвор, додека припадниците на другите народи биле осудени на вкупно 55 години од страна на Судот. Дали тоа Вам нешто ви говори?

„Николиќ ги собрал сите казни, а во прашање се поединечни случаи, односно поединци на кои им беше судено. Неспорно е дека големо мнозинство од оние на кои им беше судено беа Срби, но задачата на Судот не е да изведе еднаков број на обвинети од секоја страна која учествувала во војната. Не треба судот да

Milan Kosanovic

Милан Косановиќ

води сметка за тоа кој е од која националност, туку треба да суди за индивидуалната одговорност“.

ДВ: Но ако се спуштиме на индивидуално ниво, Србија има остри замерки на ослободувањето на Насер Ориќ, Рамуш Харадинај, Анте Готовина...

„На секој суд може нешто да му се забележи. Ниту една пресуда не е дефинитивно праведна, но затоа постојат можности за жалби и одење пред следната инстанца, но објективно секој процес има свој крај. А на тој крај секогаш постои една страна која не е задоволна. Пресудите секогаш различно ќе се толкуваат во земјите на екс Југославија. Германците во 50-те години не ги сметаа пресудите на Нирнбершкиот трибунал за објективни, а денешните генерации на тоа гледаат поинаку. Србите денес пресудите ги сметаат за погрешни, но можеби тоа ќе се смени за 30 или 40 години. Клучна улога има процесот на помирување кој треба да го водат политичарите, а одлучувачко е времето. Очигледно 20 години не се доволни“.

ДВ: Дебатата мина очекувано, со многу фрази и политички ставови. Дали ваквите дебати нешто менуваат или барем помрднуваат, како што најавуваше Јеремиќ?

„Апсолутно ништо. Ваквите дебати се дел од политиката за домашна употреба и немаат никакво влијание врз помирувањето. Тоа ќе се случи за неколку децении кога семејствата на жртвите ќе ги надминат своите загуби. Од друга страна, расправата не може да влијае ниту на работата на Трибуналот, бидејќи тој полека ја завршува својата работа. Остануваат уште процесите против Младиќ, Караџиќ и Шешељ, а потоа останува на локалните политичари да одлучат како ќе реагираат на пресудите“.