1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Помирувањето бара преземање на одговорност

Во масакрот во Катинската шума беше егзекутирана елитата на полското општество. Ова злосторство со години ги обременуваше полско-руските односи. Заедничкото одбележување на овој ден претставува почеток на нова ера.

default

Ако сакате да ги откриете раните на една земја, доволно е да отидете на гробишта. Во скоро секој полски град се наидува на крвавите траги од поновата историја. Скоро и да нема гробишта, каде не се закопани жртвите од времето на ужасното германско окупаторство на земјата од времето на Втората светска војна. Меѓутоа, се наоѓаат и други надгробни плочи, и тоа оние кои потсетуваат на жртвите од масакрот во Катинската шума.

Тоа беше едно од најужасните злосторства во историјата, со долгорочни последици. Беше сотрена интелектуалната и економска елита во Полска.

Логиката што стоеше зад ова злосторство е јасна: да се уништи елитата на поробената земја, за полесно да се владее со неа. Впрочем, истата логика што ја применуваше и тогашниот сојузник на Сталин, Адолф Хитлер. Треба да се напомене дека концентрациониот логор во Аушвиц, всушност, беше првично замислен како место за егзекуција на „полската интелигенција“.

Наци-пропаганда и лагите на Сталин

Не зачудува што откривањето на масовните гробници од масакрот во Катин, по вмаршувањето на Вермахтот во Белорусија, на националсоцијалистите им беше добредојдена

Bartosz Dudek

Бароч Дудек

прилика за пропаганда. Со ова Хитлер сакаше да забие клин меѓу западните сили-сојузници на Полска и Советскиот сојуз. Од пропагандни цели, Хитлер дури лицемерно им изрази сочуство на семејствата на убиените во Катинска шума. Сталин, пак, возврати со тоа што вината за масакрот им ја префрали на Германците. Ваквата верзија на настаните со децении беше изучувана на часовите по историја во комунистичка Полска. Семејствата на жртвите преку разни репресии беа принудувани да молчат за вистинските сторители. Меѓутоа, на демократската опозиција во земјата и` беше јасно дека не можат да бидат воспоставени добри односи со Русија, се` додека се крие вистината.

Историски гест

Историски момент претставуваше кога Михаил Горбачов во 1990 година првпат призна дека советската тајна служба ја сноси одговорноста за масакрот во Катин. Меѓутоа, изостана симболичен гест на признавање на вината, што беше сторен дури во 1993 година од наследникот на Горбачов, Борис Јелцин. За време на посетата на Полска, рускиот претседател замоли за прошка и и` ги предаде на полската влада документите од масакрот. Но, ниту еден руски претседател или премиер досега им нема искажано почит на жртвите на самото место на злосторот. Токму затоа 7 април 2010 година и поканата што Владимир Путин ја упати до својот полски колега Доналд Туск да дојде во Катин е историски настан од огромно значење за обременетите полско-руски односи.

По помирувањето со Германија, што беше овозможено само преку беспоштедно расветлување на настаните и признавање на вината, сега е време и Русија да му излезе пресрет на својот трауматизиран сосед. Историјата на германско-полските односи покажува дека ова е единствениот вистински пат. Бидејќи раните од минатото, кои во Полска се сретнуваат на секој чекор, ќе заздрават само тогаш, кога вината гласно ќе се признае и кога виновникот ќе си ја преземе историската одговорност.

Автор: Бароч Дудек

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска