1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Помирливи тонови од Грузија

Опозицијата во Грузија денеска сигнализираше подготвеност за преговори со претседателот Едуард Шеварнадзе. "Можеме да водиме дијалог со актуелната власт за свикување предвремени избори" - посочи претседателката на грузискиот парламент во досегашниот состав, Нино Бурџанадзе, која во меѓувреме се прогласи и за привремен претседател на државата. Готовност на преговори за повторување на парламетнарните и за предвремени претседателски избори денеска дојде и од претседателот Шеварнадзе.
Во политичкиот покер се вклучи и рускиот министер за надворешни работи Игор Иванов, кој се обидува да посредува меѓу спротиставените политички блокови. "Се' уште е рано да се зборува за каков и да е конечен резултат", изјави грузискиот министер за надворешни работи Иракли Менагаришвили по двочасовните разгзвори во резиденцијата на претседателот. Иванов претходно се сретна со тројцата лидери на опозицијата, на кој нагласи дека сите процеси во земјата мора да се одвиваат во склад со уставот и законите. "Русија нема да се меша во внатрешните работи на Грузија" - јасно стави на знаење шефот на дипломатијата Иванов по доаѓањето во Тбилиси, каде беше дочекан од маса одушевени граѓани.

Грузискиот министер за одбрана Давид Тевсадзе изјави дека нема налог за примена на сила против демонстрантите. Напротив, претесдателот Шеванадзе го предупредил во никлој случај да не презема мерки, што би можеле да доведат до крвопролевање. "Сегашната политичка лудост мора да се надмине со политички средства, а не со примена на сила" - нагласи министерот за одбрана.

Во меѓувреме, меѓутоа, еден од лидерите на опозицијата повика на завземање на зградата на Министерството за внатрешни работи на државната телевизија. "Денеска е денот на конечната одлука" најави Михаил Шакашвили на еден собир на приврзаниците на опозицијата што се одржа денеска на пладне.

"Тој е адвокат образуван во САД, кој според досегашната политичка кариера, како и според неговите соработници, би можел да се смета за реформатор. Тој е истовремено обдарен популист, кој не се воздржува од радикални решенија и успева со нив да ги придвижи масите. Можам да кажам дека според неговото досегашно однесување во кризата, не се остварија стравувањата во однос на неговата личност" - оцени во разговор за ДВ Валтер Кауфман, претставникот на германската фондација Хајнрих Бел во Грузија. Станува збор за стравувања на одеелни набљудувачи дека Шакашвили би можел со неодговорни популистички пароли да доведе до сериозна ескалација на ситуацијата, се' до граѓанска војна.

Од вчера во земјата е воведена вонредна состојба во наредните 30 дена по налог на претседателот Едуард Шеварнадзе. Во земјата мора повторно да биде воведен ред, а злосторниците ќе бидат казнети - порача претседателот. Министерот за внатрешни работи Коба Нарчемашвили изјави дека ќе ги спроведе сите наредби на претседателот.

Во редовите на безбедносните сили меѓутоа се појавува отпор. Еден од членовите на специјалните сили изјави дека тој и уште 50 припадници на неговата единица минале на страната на опозицијата. Страната ја смени веќе и еден од владините советници, Леван Алексадзе.

Италија како претседавач со ЕУ изрази загрижненост поради ситуацијата во грузија и според најавите за Тбилиси ќе замине специјалниот претставник на Унијата за Кавкаскиот регион, Хејки Талватие, со намера да помогне во изнаоѓањето решение во склад со европските принципи. Генералниот секретар на Советот на Европа, Валтер Швимер, повика на воздржаност и изнаоѓање компромисно решение во борбата за власт во Грузија. А секретарот на парламентарната група на германската Либерална партија, Јирген Копелин, побара од германската влада да му понуди егзил на Едуард Шеварнадзе. "Тоа би било нормално со оглед на се' она што ние Германците му го должиме" - изјави Копелин за утрешното издание на "Берлинер цајтунг".