1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Помалку пари, помалку проекти, помал пораст“

Стабилно енергетско снабдување, сигурен транспорт, брз интернет-кој посакува вакви нешта, треба и да планира долгорочно. Во ЕУ долго траат препирките околу буџетот до 2020-та. Дали на самитот ќе се најде заеднички јазик?

Станува збор за околу илјада милијарди евра и за тоа - кој ќе ги плати и за што ќе бидат употребени. Првиот предлог за повеќегодишното финансирање, односно буџетот на ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година, мора да го поднесе Европската комисија. Во него ги има познатите ставки за земјоделство, поттик на регионалниот развој или за вработување. Но, во актуелниот предлог на ЕК се предвидени и некои специјални проекти, како на пример - Connecting Europe Facility (ЦЕФ).

ЦЕФ е фонд тежок 40 милијарди евра од кој треба да се финансираат пред се‘ енергетските и транспортните мрежи и мрежите за брз интернет за и во периферните области на Европа да се обезбеди брз интернет. Рајан Хит, портпарол на надлежната еврокомесарка Нели Крос, објаснува:

„Во Кина 36 милиони домаќинства минатата година добија приклучок за брз интернет. Тоа е повеќе од сите нови врски во цела Европа.“

ЦЕФ на националните влади на ЕУ им овозможува да го поврзат секој граѓанин на Унијата со интернет по поволни услови: „Притоа зборуваме за кредити кои се покриени од Европската инвестициона банка. Долгорочно владите ги добиваат парите назад, со камати. Значи ниту станува збор за подарок ниту за бланко-чек, туку повторно им се враќа на даночните обврзници и има есенцијална функција.“

За енергетските мрежи во првичниот предлог на ЕК се предвидени 9,1 милијарда евра. Помалку пари ќе значат и помалку проекти. Зашто од преговорите на самитот на ЕУ зависи дали на крајот навистина ќе стојат толку пари на располагање. Во првиот обид, направен во ноември 2012 година, шефовите на држави или влади на ЕУ не можеа да постигнат компромис околу финансиските рамки за подолг период. Државите кои се нето-плаќачи, значи оние кои повеќе уплаќаат во буџетот на ЕУ отколку што добиваат од него, сметаа дека првичниот предлог на ЕК, и покрај некои кратења, е прескап.

Symbolbild Geldgeschenk

Долгорочно владите ги добиваат парите назад - ниту станува збор за подарок ниту за бланко-чек, вели Рајан Хит

Кој колку плаќа?

Буџетот на ЕУ се финансира од една страна од традиционалните сопствени средства, како на пример царините или данокот на додадена вредност, а од друга страна, најголемиот дел од парите во меѓувреме доаѓа од таканаречените БНЕ-сопствени средства, односно парите што секоја држава членка ги плаќа врз основа на определен процент од брутодомашниот производ.

Повеќегодишните финансиски рамки не се ЕУ-буџет за седум години, туку горните граници во одредени политички сфери се поставуваат за определен временски период. Долгорочно финансиско планирање за скапите инфраструктурни проекти, како транспортот и енергијата, е од суштинско значење. Портпаролот на ЕК Рајан Хит нагласува дека и во сферата на истражувањата научниците мора да сметаат на сигурно финансирање. „Само така научниците ќе можат врз себе да преземат можни ризици за да спроведат најдобро можно истражување и да имаат доверба дека нивната работа ќе можат и да ја завршат.“

Länderfinanzausgleich Symbolbild Waage

Каде ќе се додаде, каде ќе се одземе?

Каде се крати?

Но не станува само збор за тоа кој колку плаќа. Се работи и за тоа каде одат парите. Делот за земјоделство и земјоделски развој е традиционално најголем и за него во актуелниот предлог на ЕК се предвидени 380 милијарди евра. За него, според се‘, ќе се залага Франција, како и јужните членки на ЕУ кои не сакаат кратење на парите за регионален развој.

Дали тоа значи дека ќе се крати од парите предвидени за истражување и мрежно поврзување? Рајан Хит не дава прецизен одговор: „Се разбира дека е наивно да се верува оти буџетот што го предлага Комисијата ќе биде во таа форма и прифатен. Знаеме дека ќе има промени на бројките.“

Сепак, многумина набљудувачи веруваат дека на крајот од неделава ќе бидат договорени финансиските рамки за буџетот на ЕУ 201-2020. Јанис Емануилидис од бриселскиот Центар за европска политика има многу оптимистички став: „Ќе има долго расправање, тука нема дилема, но на крајот ќе има и договор.“