1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Помагаат, ама не решаваат

Околу 113 илјади војници, полицијаци, советници и цивилни лица во моментов се ангажирани во 16 мировни мисии на ОН на четири континенти. Но, критичарите сметаат дека многу од нив се премногу скапи, а малку ефективни.

default

Кадровска и логистичка непоткованост на мисијата е најголем проблем

Околу 113 илјади војници, полицајци, советници и цивилни лица во моментов се ангажирани во шеснаесетте мировни мисии на ОН на четири континенти. Во споредба со 1999 година, нивниот број е седумкратно зголемен. Сепак, квантитетот не мора да значи и квалитет. Трошоците за мисиите на ОН изнесуваат седум милијарди долари годишно и со тоа сочинуваат само 0,5 проценти од вкупните трошоци за воени активности на глобално ниво. Но, и покрај ова, многу критичари сметаат дека голем број од мисиите на ОН се премногу скапи, а малку ефективни. Особено во најпроблематичниот континент, Африка, ОН не успејаа и не успеваат да ги исполнат поставените очекувања.

Незадоволство од мисијата во Западен Судан

Како многу набљудувачи на состојбата во Дарфур, и д-р Моника Џума не е премногу задоволна од ефектите на мировната мисија во Западен Судан.

„Мисијата на ОН во Дарфур има мошне големи задачи, таа не располага со доволно средства за соодветно исполнување на овие задачи, односно заштита на цивилното население и обезбедување општа безбедност во Дарфур“.

Proteste gegen UN Friedenstruppen in Darfur

Од протестите на населението на Дарфур против мисијата на ОН

А ОН велат дека токму во примерот со Дарфур можат да покажат успешна соработка со регионални партнери, како Африканската унија.

Моника Џума, како член на експертската група што ги проверува резултатите на мировната мисија, има одредени забелешки: „Прво и основно, ОН не располагаат со потребниот број трупи. Истовремено, блокади поставува и суданската влада. Со оглед на тоа што мисијата на ОН во Дарфур е составена од војници од повеќе земји, одлуките мора да се донесуваат колективно. А тоа значи дека Судан може да бојкотира одредени земји-учеснички во мисијата“.

Според резолуцијата на Советот за безбедност 1796, за мисијата во Дарфур се предвидени 31.042 воени единици, но ОН досега обезбедија само половина од нив. Критичарите ја обвинуваат токму кадровската и логистичка непоткованост на мисијата за тоа што жителите на Дарфур се изјаснуваат против присуството на сините шлемови. А со оглед на тоа што платите на трупите се исплаќаат со задоцнување од неколку недели, како и поради фактот што во Дарфур животот го загубија 34 претставници на мисијата, моралот на трупите е значително опаднат.

Еднаш на страна на владата, другпат против неа

Deutsche Blauhelme

Германски „сини шлемови“ во мисијата во Сомалија

Исто како и мисијата во Дарфур, критики се упатуваат и на сметка на најголемата мисија на ОН во Демократска Република Конго. Покрај обвинувањата дека не направиле ништо да ги спречат масакрите врз цивилното население, сините шлемови ги бие лош глас и поради наводните сексуални злоставувања.

Улрих Делиус од Организацијата за загрозени народи и експерт за Африка, долги години ги следи мировните мисии на континентот:

„Најголемиот проблем за мисијата на ОН во Конго е тоа што населението не знае на чија страна е. Еднаш се бори на страната на владата на Конго против бунтовниците, другпат се врти против армијата, во случаи кога таа ги повредува човековите права на населението“, потенцира Делиус.

На крајот на краиштата, Делиус смета дека една мисија може да биде успешна до оној степен што го дозволуваат вмешаните во конфликтот и политичката поддршка од меѓународната заедница.

„Од мировните мисии не може да се очекува дека ќе ги решат проблемите на лице-место. Тие можат, во најмала рака, да ја доведат ситуацијата во статус-кво, но не можат да донесат решение“.

Автор: Лудгер Шадомски / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска