1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полјаците си ги сакаат злотите, а не евра

Р. Кјепушевски/З. Јордановски27 август 2015

Грчката криза ги претвори Полјаците од пријатели во противници на еврото и на пристапувањето кон еврозоната. Тоа има влијание и во предизборната кампања.

https://p.dw.com/p/1GMeO
Фотографија: Fotolia/whitelook

Беата Шидло ја сметаат за иден премиер ако нејзината партија Право и праведност (ПиС) победи на изборите, што во моментов изгледа сосем реално, со оглед на предноста од 12 процентни поени на ПиС пред владеачката партија ПО (Граѓанска платформа). Шидло, потпретседател на ПиС, во предизборната кампања ја повика Ева Копач, актуелен шеф на владата, „да се откаже од идејата за воведување на еврото“.
Шидло го одразува и ставот на новиот претседател на Полска Анџеј Дуда, кој во мај ненадејно победи на претседателските избори. Во неговата предизборна кампања Дуда повеќепати кажа дека во време на кризата на еврото, злотите дејствуваат „како тампон, а еврото значи повисоки цени“. Тој јасно стави на знаење дека ќе се согласи со воведување на евротодури кога примањата во Полска ќе го достигнат „европското ниво“. Според полскиот завод за статистика, сегашниот просек изнесува околу 900 евра месечно.

Се рони поддршката

Според анкетите, во екот на грчката криза Полјаците се променија од приврзаници во противници на еврото. Цела деценија по пристапувањето на Полска кон ЕУ во 2004. имаше стабилно мнозинство за еврото.Но, во меѓувреме 54 проценти се против. „Навистина сум загрижен дека Полска, како сега Словачка и балтичките земји кои припаѓаат кон еврозоната, но не се толку богати колку старите членови, ќе биде принудена да плаќа за финансиската нестабилност во Јужна Европа“, рече за ДВ еден студент од Варшава.

Со оглед на ваквите стравувања во јавноста, дури и владеачката Граѓанска платформа, која некогаш со воодушевување го поддржуваше еврото, ја турна во втор план таа тема. Ева Копач тоа речиси и не го споменува во предизборната кампања и само кажа дека до воведувањето на еврото „веројатно ќе поминат уште најмалку пет години“.

Warschau Polen Beata Szydlo
Беата ШидлоФотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Sokolowski

Пресврт на референдум?

Претседателот на ПиС Јарослав Качински, кој беше премиер во 2006/2007 година, одамна се залага за референдум за воведувањето на еврото. Качински останува главен стратег на неговата партија, но е воздржан во предизборната кампања и сцената им ја препушти на помладите политичари, кои треба да привлечат и помлади избирачи.
Но, помладите политичари немаат единствен став во однос на можниот референдум. Кжиштоф Шќерски, надворешно-политички советник на претседателот Дуда, за агенцијата Ројтерс изјави дека Полјаците на референдум треба да решат дали сакаат да го имаат еврото, додека Беата Шидло во јули рече дека нејзината земја не е подготвена за референдум.

Силна економија, нејасни изгледи

Кога ПиС беше последен пат на власт, имаше проблематичен однос со кругови од полското стопанство и честопати беше критикувана од опозицијата поради нејзиниот според однос кон ЕУ. Сега многумина во приватното стопанство стравуваат дека предизборрното ветување на ПиС за симнување на старосната граница за одење во пензија - која сегашната влада од демографски причини ја покачи - ќе доведе до повисоки трошоци за социјални потреби, ограничување на приватизацијата и до воведување давачка за банките.
Рејтинг-агенциите како „Стандард и Пурс“ на Полска постојано и’ даваа добри оцени поради „силните макроекономски основи“. Бруто домашниот производ во изминатите 20 години во просек растеше со повеќе од 4 проценти годишно - што е меѓу највисоките во Европа.
Но, ќе може ли ова трајно да се одржи ако извозно ориентираното полско стопанство, чиј најважен пазар за пласман на стоки е ЕУ, остане надвор од зоната на еврото? „Краткорочно фактот дека Полска на припаѓа кон европската монетарна унија е во полза на конкурентната способност на полските извози“, вели за ДВ Јан Сосна, економски експерт од магазинот „Полиш маркет“. „Но долгорочно извозниците ќе мораат да се заложат за воведување на еврото за да ги ограничат трошоците за конвертирање и да понудат поголема планска сигурност“.

Полска уште не ги исполнува сите критериуми

Во моментов Полска и онака не ги исполнува сите критериуми за воведување на еврото, иако со европските договори се обврза на крајот сепак да ја воведе заедничката валута.Полска првенствено би морала повеќе да се потруди за порамнување на јавните буџети, вели Сосна.

Што се однесува до економската програма на ПиС и евро-скептицизмот на партијата, економските експерти и натаму гледаат нерешени прашања. „Ако Полска сака да го задржи сегашното ниво на директни странски инвестиции, земјата безусловно мора и натаму да добива добри оцени од рејтинг-агенциите“, вели Сосна. „А нивен најважен критериум е политичката стабилност“. Прашање е само дали се совпаѓаат претставите за политичка стабилност на ПиС и на меѓународните рејтинг-агенции.