1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Полувреме без конкретни шанси за успех

Помина една недела од климатскиот самит во Канкун - засега без конкретни резултати. Учесниците меѓутоа предупредуваат конференцијата да не се прогласи уште сега за неуспешна, оти жешката фаза допрва претстои.

default

Резултатот на половина од климатската конференција во Канкун е скромен. Надеж се полага во завршната фаза, кога во мексиканскиот град се очекуваат високите владини претставници на земјите учеснички. Како и секогаш и овој пат се вели, ставовите ги доближивме, но во реалноста тоа значи дека првата преговарачка недела не донесе ништо конкретно, смета координаторот за климатски прашања од организацијата „Гринпис“ Мартин Кајзер: „По една недела е јасно дека во Канкун се можни двете сценарија: целосно да биде закопан Протоколот од Кјото, од една страна, и да се постават зелените насоки за иден климатски договор наредната година во Јужноафриканската Република.“

Без големи очекувања

Dossierbild Klimagipfel Cancun Mexiko 2010 Logo Bild 1

Очекувањата од годинешниов климатски самит не беа големи. Се зборуваше за продолжување на Кјото протоколот: првиот обврзувачки период од договорот истекува на крајот на 2012 година и дури и кога би било можно да се издејствува негово продолжување во Канкун, ратификацијата би траела толку долго што не би било можно тој да остане на сила во континуитет.

Делегатите во Канкун неделава работеа интензивно. Изминатата недела се кажаа многу работи во пленумот и во работните групи, но малку беше постигнато, признава и портпаролот на програмата за заштита на животната средина на ОН, Ник Нутал: „Како меѓубиланс можам само да кажам дека преговорите се’ уште се многу неизвесни. Овде во првата недела не е постигнато ништо есенцијално - но ништо не е ниту загубено. Ветувањата од климатскиот самит во Копенхаген се’уште се на маса, никој не ги повлекол. Најголемиот предизвик пред нас во втората преговарачка недела е цврсто да ги вкотвиме и осигураме овие ветувања.“ Меѓу ветувањата за кои зборува претставникот на ОН спаѓа и формирање на меѓународен климатски фонд, кој треба да ги ублажи последиците од промената на климата во земјите во подем.

Автор: Хеле Јепесен/ Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски