1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Полско село среде Турција

Една бегалска драма во 19-от век довела илјадници Полјаци во Османлиска Турција. Пред портите на метрополата Истанбул тие до ден денес имаат своевидна „мала Полска“ на Босфорот.

Овие гробишта се наоѓаат во Турција. Меѓутоа, надгробните споменици се христијански, а на нив се испишани имиња како Михаловски, Рижи или Дохода.
Предците на Антони Дохода се закопани тука на Босфорот, далеку од нивната католичка татковина Полска. Во Османлиското Царство дошле бегајќи од рускиот цар, а овдешниот султан ги пречекал со раширени раце.
„Ова е гробот на мојот прадедо. Јас сум четврта генерација. Како што гледате, роден е во Полска во 1820. година и тука дошол за време на Кримската војна како затвореник. Тоа било во 1848. година. Но, нашето село е создадено уште пред тоа, во 1842. година. А таму е закопана неговата жена.“, раскажува Антони Дохода

Türkei Istanbul Panorama über Bosporus

Истанбул


Гробовите сведочат и за тоа дека некои Полјаци војувале за турскиот султан и направиле кариера.

Интегрирани но не асимилирани

Добредојдовте во Полонеској, или на полски Адампол. Село полно со полски патриоти среде Турција. Својот идентитет овие луѓе го негуваат веќе 170 години. Имаат црква, оградени куќи со традиционална конструкција, овоштарници, а некогаш зад куќите имале и свињи.
Селото Полонеској се наоѓа среде последните шумски области кај Истанбул, одалечено 20 километри од метрополата. Иако градот се' повеќе се приближува, Полонеској на Истанбулчани сѐ уште им е едно од омилените места за одмор. Речиси секоја куќа има ресторан или пансион.
И Антони Дохода, кој со години работел за германски концерн за електроника, со сопругата има угостителски локал за излетници.

Haus in Polonezköy (Adampol) in der Türkei

Типична полска куќа во Полонеској или Адампол

Тие се школувале во француски интернат во Истанбул, пријатели од училишните денови им дојдоа на посета. На прашањето дали би се омажила за Турчин, одговорот на Ана Дохода е краток: „Тешко. За тоа двете страни мора да бидат многу... толерантни.“
„Ние сме тука добро интегрирани, но не сме асимилирани. Имаме своја црква, свои гробишта, свои обичаи...“, се надоврзува сопругот Антони.
И затоа во соседното кафуле на Агнес Модлинска се продаваат палачинки со боровинки - донесени од Полска. Модлинска во меѓувреме живее во Варшава, но летата ги минува во родното село во Турција.
„Кога сум тука, ми недостасуваат пријателите од Варшава. Но, таму сепак не е мојата татковина. Овде сум родена и израсната и тука сѐ уште живеат моите родители и многу мои роднини.“, вели Ахнес.
Полјаците од Полонеској се турски државјани. Нивните деца одат во турски училишта и се успешни претприемачи; толку успешни, што вработуваат стотици муслимански соседи. Во меѓувреме има и џамија за нив. Кенан Јапар имамот во Поленеској вели : „Во текот на Рамазан не посетуваат христијаните и со нас го слават завршувањето на постот. А ние одиме кај нив на полските празници. Може да се каже дека двете култури тука добро се согласуваат.“

Младите лошо зборуваат полски

Кога 77- годишниот Антони Дохода бил дете, Полјаците многу ретко имале контакт со Турците. Живееле главно изолирано. Роднокрајскиот музеј потсетува на некогашното сиромашно секојдневие.
Богослужба во католичката црква во селото. Од Истанбул за мисата секојпат доаѓа свештеник кој зборува полски. На лето, кога многумина заминуваат во посета кај роднини во Полск, само грст луѓе остануваат во Полонеској.
Генералниот конзул на Република Полска редовно доаѓа на богослужба. Официјална Варшава не ги остава на цедило своите Полјаци и ги финансира обновувањето на селото и културните активности.
Меѓутоа, младите лошо зборуваат полски и се' повеќе заминуваат во странство. Поради тоа не е сигурно дали наредните четири генерации ќе му останат верни на полското село на Босфор.