1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Полските синдикати на улица против владата на Туск

Над 40.000 работници од цела Полска денеска (14.09) протестираат во центарот на Варшава против владата. Демонстрантите бараат поголема сигурност на работните места, пораст на минималната плата и порано одење во пензија.

Десетици илјади полски работници фрлаа димни бомби и свиреа со свирчиња за време на нивниот марш низ Варшава. Така тие го изразија гневот кон владините политики за пазарот на труд и платите. Денешниот беше последен од четиридневните протести, при кои беа остварени средби со политичари и дебати со експерти за пазарот на труд.

Полските синдикати, кои ги организираа протестите, велат дека политиката на премиерот Доналд Туск им наштетува на интересите на работниците и нивните фамилии. Од падот на комунизмот во 1989 година, споредено со претходните премиери, Доналд Туск е најдолго на функцијата – шест години.

Protest der Gewerkschaften in Warschau 14.09.2013

Протестите се поддржани од многу жители на Варшава

Демонстрантите денеска носеа пароли на кои беше напишано: „Владата на Туск мора да си оди“ и „Јас сум роб на Туск“.

Неговата влада рапидно ја губи популарноста, откако неодамна ја зголеми старосната граница за одење во пензија на 67 години и за мажи и за жени, при што најави реформи во пензискиот систем и промени во одредени закони кои се однесуваат на работните односи. Демонстрантите бараат враќање на возраста за пензионирање на 60 години за жени и 65 за мажи. Тие бараат и гаранции за работните места и за здравствена заштита. Невработеноста во Полска во моментов се проценува на 13 проценти.

Демонстрантите неколку дена седеа во шатори пред Сејмот и бараа владата на премиерот Туск да почне преговори со синдикатите за нивните главни барања.

Разлики во барањата

Наостри барања поставува синдикатот „Солидарност“, чиј лидер е Пјотр Дуда. Тој бара владата и парламентот, поради кризата, да воведат мерка со која приходите на богатите ќе бидат оданочени со 50 проценти.

„Најважниот елемент од дијалогот е довербата. Ако ја нема, тогаш дијалогот пропаѓа. Владата ги претставува интересите на работодавачите, што се виде и при подготовката на законот со кој се зголеми возраста за одење во пензија“, изјави лидерот на „Солидарност“.

Der polnische Premierminister Donald Tusk

Доналд Туск

Премиерот Доналд Туск пред одржувањето на протестите изрази подготвеност да разговара со претставници на синдикатот, но не и за заминување на владата, како што бара „Солидарност“.

„Едно од нивните главни барања е соборување на владата. Тешко дека можете од мене да очекувате да разговарам со некого за тоа како да ме собори“, рече полскиот премиер.

Иако протестите го парализираа сообраќајот во полскиот главен град, сепак тие се поддржани од жителите на Варшава. Дел од граѓаните на демонстрантите им носеа јадење и пијалоци во шаторите, во кои и покрај дождливото време, работниците седеа четири дена.