1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Полска само на Полјаците

Ниту Полска не е поштедена од десниот екстремизам, имајќи на ум дека таму е уште потешко да се разграничи до каде е традиционалниот патриотизам, а каде почнува омразата кон „останатите“. Насилството е се’ почеста појава.

default

Неонацистите се против членовите на левичарските, антифашистичките и феминистичките здруженија

Од падот на социјализмот во Полска се случија преку 50 убиства на припадниците на етничките и верски малцинства или на лицата со различнa сексуалнa определба. Посебно ѕверски беше нападот во август 1999-та година, кога тројца скинхедси во Варшава го претепаа до смрт 25-годишниот Пјотор Вознијак. Неговиот единствен грев беше што косата ја обоил и станал русокос, што на екстремистите им се причинило „премалку машки“.

Марцин Корнак собира информации за сите тие случаи. Во својата „Кафеава книга“ ги евидентирал злосторствата мотивирани од десниот екстремизам во периодот од 1987-ма до 2009-та година. Ги собира и понатаму, бидејќи некој тоа мора да го прави, смета Корнак кој е и претседател на здружението „Никогаш повеќе“. Постоечките институции, кои би требало да се занимаваат со тој проблем, главно не прават доволно, а ако направат нешто, тогаш набрзо се појавуваат нови случаи.

Rechtsextremismus in Polen

Институциите не се справуваат со случаите на злосторствата мотивирани од десниот екстремизам

Попис на „непријателите на белата раса“

Добар пример се и т.н. „Пописи на смртта“. Тие се појавија на интернет-страницата која припаѓа на една неонацистичка група и содржат фотографии и полни адреси на т.н. „Непријатели на белата раса“. Тој попис ги опфаќаше членовите на левите, антифашистичките или феминистичките здруженија и и покрај очигледниот повик на насилство, само неколку неонацисти беа осудени на затворски казни. Страницата на интернет беше затворена, но во меѓувреме повторно е активна.

Rechtsextremismus in Polen

Насилството мотивирано од расизмот е реален феномен во Полска

„Насилството мотивирано од расизмот е реален феномен во Полска“, тврди и социологот Рафал Панковски, кој за тој проблем напиша и книга „Популистичката радикална десница во Полска: Патриоти“. Тој укажува дека цели на тие напади не се само припадниците на малцинствата, туку и сите што не им одговараат на таквите екстремисти – од феминистки, па се’ до бездомниците.

Тој укажува и на тенката граница меѓу патриотизмот и легалните политички партии кои делуваат во Полска и организациите на екстремната десница. На пример, дури и партијата „Право и правда“ на поранешниот премиер Јарослав Качински оваа година учествуваше на „Маршот на независноста“, парада која се одржува на денот на независноста на таа држава, 11-ти ноември, којашто ја организираат две екстремни десничарски организации – Радикалниот национален табор и Се‘полската младина.

Низ целото општество

Тешко е да се каже дека тие екстремни организации или партии, како Националното движење на Полска, имаат особено голем број на членови. За разлика од припадниците на неонацистите на Запад, каде таа идеологија главно ги привлекува губитниците во денешното општество, во полските организации се групираат припадници на различни општествени слоеви. Таму можат да се најдат и добростоечки интелектуалци и студенти, како и невработени, милитантни навивачи на фудбалски клубови или скинхедски. Точниот број на приврзаниците е тешко да се утврди, но таа полска преродба на Фејсбук има неколку илјади следбеници.

Polen Rechtsextremismus

Припадниците на партијата на Качински беа на националистичката манифестација, но малку е веројатно некоја од овие групи да се избори за место во парламентот

Панковски тврди дека таквите групи почнале да се појавуваат уште во осумдесеттите години, но и дека ги има се’ повеќе оние кои отворено заговараат неонацистички начела. Од разбирливи причини не е посебно истражена соработката со неонацистите во Германија, но постојат, на пример, полски ограноци на британските групи „Блад енд Хонор“ или „Комбат 18“. Но, Марцин Корнак истакнува дека таквите групи главно делуваат во илегала и дека, по неговото мислење, најголема опасност демне од легалните партии, коишто се дозволени, како Радикалниот национален табор, иако застапуваат слични радикални мислења.

Колку далеку ќе оди омразата на припадниците на тие организации кон „останатите“ – тоа е тешко прашање. Панковски укажува дека се’ почесто се случува насилство на фудбалските стадиони или концерти и дека по правило причината е нетрпеливоста кон другите, „помалку полски“ социјални групи. Тој смета дека опасноста не смее да се потцени и дека таквата идеологија на омраза добила своја динамика.

Историчарот Јан Зарин, пак, укажува дека „не постои партија во Полска која е подготвена да го преземе и тероризмот како облик на политичка борба во својата партиска програма“. И покрај присуството на припадниците на партијата на Качински на националистичка манифестација, таквите екстремни партии всушност до сега немаат успеано да влезат во националниот парламент.

Автор: Ана Мациол / Александар Методијев

Редактор: Ж.Ацеска