1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Полска носи настан од висок ранг во Охрид

Полска со настан од високо ниво, што ќе го организира на есен во Македонија, сака да покаже дека ја поддржува земјата на патот кон ЕУ. Но, колку Македонија го користи полското претседателтво за промоција на земјата?

default

Охрид означен на интернет-страницата на полското претседателство

На 3. октомври полското претседателство со ЕУ ќе организира во Охрид министерски форум ЕУ – Западен Балкан, на кој ќе присуствуваат министрите за внатрешни работи и правда, како и претставници од Европската комисија, Советот и следната земја-претседавач со Унијата, Данска. Целта е да се усвојат мерки за понатамошна соработка во областа на слободата, безбедноста и правдата. Овој настан од високо ниво е единствен што полското претседателство го организира надвор од земјата или, пак, во Брисел или Луксембург - местата каде вообичаено се одржуваат состаноците организирани од земјата-претседавач.

Полското претседателство е прво од следната тројка, составена од Данска и Кипар. Следниот претседавач со Унијата, Данска ја загрозува слободата на движење во Шенген-зоната со воведувањето дополнителни контроли на границата, а Кипар се очекува да биде на страната на Грција, кога станува збор за проблемот за името. Затоа, се поставува прашањето - колку Македонија ја користи шансата да се промовира за време на полското претседателство?

Зајакнат кадар во амбасадата, а Македонија ја нема во медиумите

Polen EU Präsidentschaft Feier in Warschau Präsidentenpalast

Портпаролот на македонското Министерство за надворешни работи, Борче Стамов, вели дека македонската амбасада во Варшава е кадровски зајакната за подобри односи со новото претседателство и таа работела на унапредување на процесот за пристапување во ЕУ.

„Поради претседателството на Полска со ЕУ, комуникацијата со нашата амбасада во Варшава е зајакната, а исто така и мисијата, каде времено се деташирани повеќе дипломати, кои имаат единствена задача – односи со полското претседателство“, истакнува Стамов за Дојче веле.

Во исто време, на веб-страницата на амбасадата и на англиски и на македонски не можат да се најдат повеќе податоци во однос на ЕУ, освен краток историјат и потенцирање дека кратокорочна цел на македонската влада е почнувањето преговори со ЕУ и визната либерализација, нешто што е веќе направено пред година и половина.

Станислав Пигон е консултант за странски инвестиции од Полска, кој пред неколку години работеше и во Македонија. По заминувањето, тој самоиницијативно преку својата интернет-страница, продолжува да работи на промоцијата на Македонија. Пигон вели дека земјата е ретко застапена во полските медиуми, во споредба со земјите од Западен Балкан. Пред неколку месеци имало емисија за готвењето во Македонија, а ретки биле и текстовите за несогласувањата околу името и идентитетот.

Warschau Flash-Galerie

Македонија е ретко присутна во полските медиуми, вели полјакот Станислав Пигон

„Кога станува збор за Балканот, има многу повеќе за Србија и не само во контекст на Косово. Можеби тоа е до земјата или можеби српските новинари, научници, уметници многу повеќе се потрудиле за застапеност. Ги читам сите полски весници и во минатата година не наидов на многу содржини од Македонија“, вели Пигон.

Промоцијата зависи од самите дипломати

Од македонското МНР велат дека промоцијата зависи од активностите на персоналот во амбасадата. Нема утврдени конкретни настани за промоција, освен одбележувањето на денот на независноста.

Gebäude des Außenministeriums in Skopje

Промоцијата зависи од личните активности на амбасадорот и дипломатите

„Тоа е континуиран процес и се разбира, секогаш зависи од личните активности на амбасадорот и на дипломатите во земјата, како и од земјата-домаќин. Согласно агендата, покрај одбележувањето на нашиот национален ден на 8-ми септември, преговараме и за организирање на денови на македонска култура, да се промовира македонската култура на одредени настани, меѓутоа се’уште не се утврдени“, вели портпаролот Борче Стамов.

За да се наметне земјата во полската јавност треба да се бараат алтернативни начини на промоција, преку контактите на уметниците, научниците и новинарите, а владата да насочи дел од рекламите и кон земјата-претседавач, вели Полјакот Пигон.

„Дефинитивно сакам да видам многу повеќе информации достапни во Полска. Во основа, исто така нема информации и преку владини канали. Можеби некои од овие владини кампањи треба да се насочат кон Полска. Ако владата подолго време пушта реклами на Си-Ен-Ен или Еуроњуз, зошто да нема недела на кампања за време на полското претседателство“, нагласува Станислав Пигон.

Полското претседателство на почетокот од месецов за Дојче веле истакна дека спорот за името е најголемиот хендикеп за Македонија во процесот на интеграција во НАТО и ЕУ. Сепак, официјалниот став е дека решението треба да се бара во ОН.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Трајче Тосев