1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Полска меѓу регионите со најдинамичен економски растеж

Политички, Полска по изборите веројатно ќе тргне по друг пат, но на економски план, атмосферата е добра. Развојот во последните години, без оглед на политичките турбуленции, се одвиваше изненадувачки позитивно.

default

Новиот премиер Доналд Туск ќе мора да се соочи со незавршената работа во економијата

Со скоро седум проценти економски пораст и два процента инфлација, Полска се вбројува меѓу најдинамичните региони во Европа. Меѓу експертите е спорно колку за тоа заслугата и припаѓа на последната влада. Владее мислење дека конзервативците на економски план го држеа исправниот курс. Претседателот на управниот одбор на Дојче банк за Полска Кжиштоф Кулчицки:

„Според мое мислење, оваа влада не направи грешки кога станува збор за стопанството. Најважно беше што покажа буџетска дисцплина. Во многу други подрачја веќе пред тоа се одвиваше позитивен развој„.

Предизвици и натаму претстојат

Независно од успесите во последните години, процесот на трансформации во стопанството ни од далеку не е завшрен, поради што Полска и натаму ќе биде соочена со големи предизвици. Александар Смолар од реномираната фондација Батори во Варшава објаснува:

„Основата создадена во последните 18 години е многу добра. Сепак, оние што ќе владеат во Варшава, ќе мораат да решат уште некои задачи. Пред се кога станува збор за јавните финансии и за приватизацијата. Дури тогаш вистински ќе може да се оцени ситуацијата„.

Стручњаците си заминуваат од Полска

Експертите посебно ги вознемирува сосотојбата на пазарот за работа. Многумина стручњаци не сакаат и натаму да чекаат реформи и заминуваат. Пред се Велика Британија и Ирска ги привлекуваат со поволни понуди. Во Полска во меѓувреме не недостигаат само лекари и инженери, туку и градежни работници. Тоа го забележуваат и германските фирми кои во Полска ги има околу 6 илјади, вели претседателот на германско-полската стопанска комора во Варшава, Ларс Босе:

„Фирмите тоа го забележуваат посебно во подарчјата поврзани со физичка работа. 100 метри одовде се гради германската амбасада, но градбата заостанува зашто вистина нема градежни работници. Патем фирмите што лошо ги плаќаа своите вработени, сега имаат проблеми, додека оние што го правеа спротивното, немаат проблем да ги задржат своите работници„.

Помалку работници, поголеми плати

Од членството на Полска во Европската унија, според проценките, земјата ја напуштија милион ипол луѓе. Миграцијата има и други последици. Имено, порастот на побарувачката на работна сила, го зголемува и нивото на платите. Инвеститорите мораат да размислат. Ларс Босе:

„На пример еден јапонски инвеститор за производство на рамни телевизори калкулираше со 800 злоти. Кога инвестицијата беше готова и се тргна во потрага по работници, беше забележано дека мораат да се платат илјада и 200 злоти што ја уништи целата калкулација„.

За до некаде да ја смири ситуацијата, Полска го отвори својот пазар за работа за некои од земји од бившиот Советски сојуз, меѓу нив Украина и Белорусија. Истовремено се работи врз стратегии со кои би биле вратени сопствените иселеници. Фирмите подеднакво се жалат и на долгото чекање на еврото. Годинава Полска за првпат ќе ги исполни критериумите од Мастрихт. Сепак, никој досега не е во состојба да каже кога Полска ќе влезе во зоната на еврото. Некои политичари дури бараат и референдум. Стопанството е вознемирено. Ларс Босе:

„Референдумот за членство во Европската унија беше еден вид изјаснување и за еврото. Прашање на време е кога ќе биде воведено. Досегашната министерка за финансии пред неколку месеци изјави дека би сакала за европското првенство во фудбал во 2012 година еврото веќе да биде во Полска„.