1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Полска и ЕП во фудбал во 2012

Радоста беше голема во Полска и Украина кога претседателот на УЕФА Мишел Платини на 18 април годинава соопшти дека Европскот првенство во фудбал во 2012 година ќе се одржи во овие две земји.

default

По еуфоријата настапи отрезнување

Меѓутоа, по големата еуфорија настапи отрезнување.

Во обете земји се поставува прашањето: кој треба да го плати сето тоа? Треба да се градат стадиони, патишта, хотели: некои нови, други да се реновираат. Насловот во полскиот весник „Газета виборшча„ воопшто не се совпаѓа со еуфоричната слика во земјата за годината 2012 кога Варшава и Киев заедно ќе бидат домаќини на европскиот врвен фудбал. „Ние не сме на патот кон ЕВРО 2012„ напиша весникот и цитираше никого друг туку Војчех Малуши, шефот на здружението на полските фирми за нискоградба:

„Планираната изградба само на патишта опфаќа вкупно илјада километри автопати и околу 3 илјади километри експресни делници. За тоа се потребни 130 милијарди злоти. Според нашите проценки, на располагање имаме само 75 милијарди. Значи недостига скоро половината, односно преку 10 милијради евра„.

И во градското собрание на Варшава не знаат точно од каде да се добијат парите за потребните инвестиции. Метрото треба да се продолжи, трамвајскиот круг да се реновира и да изгради национален спортски центар со ултра-модерна арена на просторот на сегашниот застарен стадион. А, парите се само еден од проблемите. Недостига и дозвола за градење. Таму каде што треба да се роди новата арена, сега секојдневно се туркаат илјадници трговци кои никако нема да се откажат од својот пазар без отпор:

„Воопшто да не помислуваат дека доброволно ќе го напуштиме ова место. Ако е потребно ќе излеземе по улиците, како што направија рударите. Нашите работни места се поважни од фудбалот и шоуто за Европа„.

Притоа, Полска, за разлика од Украина, може да смета на великодушна поддршка од Европската унија. Брисел во наредната година ќе стави на располагање 18 милијарди евра за изградба на полската инфраструкутра и други 11 милијарди за изградба на патишта. Но, дури ниту жонглирањето со милијардите нема да ја одведе Полска далеку, вели Малуши и бара повеќе искреност од владата на Качински:

„Владата мора да престане со изјавите дека ние сме тигарот на Европа. Ние сме една од најсиромашните држави во Европската унија. Ние не сме во состојба да ги организираме платите во буџетот, а што да кажеме за градењето патишта? Секако, ги има тие 11 милијарди евра од Унијата, но ние немаме пари да ги дополниме тие средства, зашто недостигаат 15 проценти за кофинансирање„.

Полскиот премиер Јарослав Качински меѓутоа, не сака да се обеспокои од ваквите факти. Се во свое време, спокојно вели Качински:

„Ние сме соочени со медиумска хистерија. Се уште ништо не се случило, подготовките се во тек, набргу ќе биде именуван надлежен министер. Во моментов има други проблеми што треба да ги решиме. И ние сме само луѓе кои не можат се да направат во исто време. Меѓутоа, сигурно ќе стигнеме„.

Оптимизам кој патем, го споделува само половината од Полјаците. Според една анкета на весникот „Жиче Варшави„, бројот на оние што сметаат дека подготовките за Европското првенство се одвиваат добро, за само неколку недели од 57, падна на 51 процент.