1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Полска доби нов претседател

Со Полска во наредниот период дефинитивно ќе владеат браќата Качински.

Лех Качински

Лех Качински

По триумфот на парламентрните избори на национално конзервативната партија што ја води Јарослав Качински, неговиот брат близнак Лех однесе уверлива победа во вчерашниот втор круг од претседателските избори. За него гласаа 54,5%, додека на неговиот соперник Доналд Таск од либерално-конзервативната партија гласот му го дадоа 45,5% од избирачите. Одзивот изнесуваше 51 процент.

Приврзаниците го поздравија новиот Претседател на Полска, Лех Качински, со вистински овации. Оваа победа дојде неочекувано, бидејќи во првиот круг соперникот Доналд Таск водеше со 36,3 спрема 33,1% од гласовите. Бидејќи никој од вкупно 12-те кандидати не освои апсолутно мнозинство, Таск и Качински мораа да ги одмерат силите во вториот круг. Освен тоа експертите очекуваа дека полските граѓани нема да го изберат вториот брат Качински за Претседател, по победата на партијата на неговиот брат на парламентарните избори.

За ваквиот неочекуван резултат најмногу придонесе поддршката од двете селански парти во Полска. Најмногу гласови за Лех Качински дојдоа од внатрешноста и од лицата со пониско образование, додека за Таск гласаа пред се‘ младите, лицата со академско образование и оние од урабните средини. Качински впрочем вети социјална држава, па дури и изградба на станови, што апсолутно не спаѓа во надлежностите на Претседателот на државата.

Лех Качински се профилираше како успешен градоначалник на Варшава, кој се залагаше за борба против криминалот, корупцијата и за заштита на социјалните вредности на католичката традиција. Освен тоа, тој одигра и на чувствата на постарата генерација која се уште се сеќава на Втората светска војна, Качински побара обесштетување од Германија за разурнувањето на Варшава. Што се однесува до општата надворешно политичка ориентација, тој се залага за уште потесни односи со САД и за јакнење на НАТО. Неговото прво патување во странство ќе го води во Вашингтон. Во односите со Русија пак за време на неговото претседателствување не се очекува никакво подобрување.

Лех Качински и неговиот брат Јарослав, кој се откажа од премиерската фотеља за да му помогне на братот да се избори за претседателската функција, сакаат Полска да ја водат во т.н. „четврта република„. Тоа претпоставува засилување на надлежностите на полицијата и судовите. Сосема во склад со името на партијата што ќе владее со Полска во наредните четири години: Партија на правото и правдата!