1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Полска брка зли духови

Свештеници тренирани за истерување зли духови се собраа на конференција во Полска. Во денешно време ова можеби звучи неверојатно, но римокатоличката црква во Полска, по се` изгледа, сериозно се занимава со проблемот.

default

Европската конференција на римокатоличките егзорцисти се одржа во полскиот град Честохова, градот каде што се наоѓа познатата икона на Девица Марија, една од најсветите реликвии во Полска и нејзин национален симбол. Конференцијата која редовно се одржува на секои две години, има за цел да ги собере на едно место сите свештеници кои се тренирани за истерување на зли духови, како и луѓето за кои се верува дека се спасени од сатаната.

На конференцијата беше претставена снимка на жена која беше цел на вистински егзорцизам пред камера, бидејќи нејзиното семејство веруваше дека е обземена од зли духови. Документарецот го гледаа неколку стотици католички свештеници, кои се собраа во Честохова за да одлучат како да се борат против злото, кое веруваат дека постои околу нас. Учесниците укажаа дека и самата црква е во опасност. Сатанската музика не е единствената закана, туку и алтернативната медицина, како хомеопатијата, чија моќ на лекување беше опишана како неприменлива и опасна. „Њуејџ“ филозофијата, одредени форми на психотерапија, некои азиски боречки вештини, Хари Потер и компјутерските игри исто се најдоа на листата на „гревови“.

Ѓаволот е крив за се‘

Symbolbild: Beten für Papst Johannes Paul II.

Бројни сведоштва на луѓе, запоседнати од зли духови

Учесниците слушаа бројни сведоштва како она на Џон, млад Американец, сопственик на клуб, кој тврди дека ѓаволот е виновен за неговата зависност од коцката и дрогата: „Еден глас му зборуваше на мојот дух, како да беше мојата совест. Ми стана јасно како ден: рајот е вистински и пеколот е вистински. Мораш да избереш. И еве ме, стојам надвор од моќта на светиот дух. Осуден сум на грев. Јасно ми е. Размислувам, како успеав да се спуштам до ова ниво? Реков: Господи, може ли да ми помогнеш? Како што се отвори вратата, Господ ме спаси и никогаш не се вратив на тие нешта.“

Ангелика, средовечна жена од Австрија, вели дека била сведок како нејзината сестра, наводно запоседната од зли духови, ја туркала трпезариската маса без воопшто напор, иако била со мал раст, и зборувала повеќе странски јазици: „Таа почна да зборува јазици кои не ги знае, како корејски, англиски и француски. Само од себе.“

Сатаната плетка прсти и за папата Јован Павле Втори

За да се справи со ваквите случаи, црквата во Полска назначи деведесетина свештеници како истерувачи на зли духови, за разлика од пред една деценија, кога оваа функција ја вршеа само четворица. Полска, исто така, има и главен егзорцист, отецот Марчин Пјатковски. Отецот Пјатковски верува дека е време црквата да ја обнови функцијата која и` недостасуваше во изминатите три столетија. Се` повеќе луѓе се доведени во заблуда од оние кои тврдат дека ги имаат одговорите на денешните проблеми, вели тој. При истерувањето на духовите можеби нема да успееме од „прва рака“. Но, држењето миса посветена на погодените, обично помага, вели тој со убедување.

Papst Johannes Paul II. gestorben

Папата Јован Павле Втори

На конференцијата, во мошне контроверзен контекст, стана збор и за поранешниот папа, Јован Павле Втори. Истерувачите на зли духови тврдат дека сатаната прави се` за да спречи папата, родум од Полска, да биде прогласен за светец. Отецот Пјатковски вели дека не е случајност што наеднаш во јавноста излегоа писма, кои папата ги разменувал со некоја жена, за која некои тврдат дека му била повеќе од само лична пријателка. Испитувањето на писмата ја успори процедурата за беатификација, односно за прогласување на папата за светец. „Ѓаволот секогаш се спротивставува на се` што е добро. И овој пат не е исклучок. Сатаната едноставно сфаќа какво влијание имаше светиот отец врз светот, што најверојатно ќе продолжи и во иднина“, вели отецот Пјатковски.

Полска - религиозен експеримент

Но, оживувањето на егзорцизмот во Полска изгледа дека е повеќе од само каприц на традиционалното свештенство. Либералниот католик Збигњев Носовски, уредник на месечникот „Вјец“, вели дека поради големиот број католици, Полска станала поле за духовна борба: „Не видовме никакви промени во религиозноста во Полска. Многу луѓе во деведесеттите години беа убедени дека по падот на комунизмот секуларизацијата на државата ќе се одвива со забрзано темпо. Но, тоа не се случи. Влијанието на црквата е се` уште стабилно. Многу социолози на религија велат дека Полска може да биде поле за експерименти – земја во која длабоката религиозност може да се комбинира со модерната општествена структура, земја каде што економската и културната модернизација не секогаш значат секуларизација, како што тоа е случај во поголем дел од западна Европа.“

Но, дури и да се случуваат експерименти, повторното воведување на главен егзорцист, чија цел е да ја ослободи Полска од злото во филмовите за Хари Потер и хомеопатските таблети, изгледа дека е екстремен потег за многумина. Или, во најмала рака, нешто што малкумина Полјаци се подготвени да го прифатат без да изреагираат на каков било начин.

Автор: Рафал Кипушевски / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска