1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Половичен успех на германските претставници во Купот на УЕФА

Два сребрени медала за германските олимпијци вчера и малку надежи за денешните натпревари

Кевин Курањи (Шалке)

Кевин Курањи (Шалке)

Хамбургер и Шалке ќе играат во осминафиналето на Купот на УЕФА, за фудбалерите на Штутгарт и на Херта крајна станица беше шеснаесетинафиналето. Синоќа Хамбургер го совлада швајцарскиот тим Тун од Базел со 2 спрема 0 и го надомести минусот од првиот натпревар - тогаш Тун, кој претходно учествуваше и во Лигата на шампионите, победи со 1 спрема 0. Занимливо е дека обата гола за Хамбургер ги постигна и командантот на одбраната и капитен Даниел ван Бојтен. „Тоа е доброто во фудбалот – повеќе земји, подобро се познаваме. Секогаш е важно само добро да се одигра, да се ’додаде гас‘, се’ едно каде и да се игра“ – вели ван Бојтен.

По 82 дена пауза поради повреда во тимот се врати миленикот на публиката, Холанѓанецот Рафаел ван дер Ваарт, кој беше ставен во игра во вториот дел од средбата: „Се’ е прекрасно. За тоа и’ благодарам на публиката. 3 месеци не играв, беше тешко“.

Хамбургер во четвртфиналето се среќава со Рапид од Букурешт, тимот што ја елиминира Херта од Берлин со победата од 2 спрема 0 - а и во првиот дуел славеше победа од 1 спрема 0.

Шалке со два успеха против шпанскиот претставник Еспањол оди меѓу 16-те најдобри во купот на УЕФА. Таму го очекува Палермо -италијанскиот претставник ја елиминира прашка Славија. Шалке патуваше во Барселона со предност од само еден гол и победа од 2 спрема 1, но синоќа како гостин беше многу поубедлив, за што зборува и резултатот од 3 спрема 0. Серијата ја отвори Кевин Курањи, кој потоа го подтотви и голот што го постигна Санд и на тој начин му одговори на сојузниот капитен Јирген Клинсман што го изостави од репрезенатцијата за пријателскиот натпревар против Италија на 1-ви март. „Прикажамве добра игра. Игравме мирно, подобро од Шпанците и заслужено победивме“ – смета Курањи. На Ебе Санд, дански интернационалец во редовите на Шалке, ова му беше 10-ти гол во европските купови и во тој поглед сега е најдобар стрелец во историјата на клубот. „Во второто полувреме заигравме поедноставно и по првиот гол игравме многу подобро“ – се согласува и Санд.

Штутгарт како гостин го совлада англискиот тим Мидлсбро со 1 спрема 0, но тоа не беше доволно за пласман по поразот во првата средба дома со 2 спрема 1.

На зимската олимпијада во Торино денеска без надежи за медал за германските претставници

Мартина Ертл-Ренц ќе настапи во велеслаломот, што ќе биде нејзина последна трка на некоја олимпијада, оти се ближи кон крајот на кариерата. Ефи Захенбахер-Штеле ќе се натпреварува во скијачко трчање на патека од 30 километри.

Вчерашниот 13-ти олимписки ден на Германија и’ донесе два сребрени медала: женската шатафета во биатлон, која беше поразена само од руските претставнички, и големото изненадување, 18-годишната Амели Кобер, која во сноуборд во паралел-слалом стигна до финалето, каде излета од патеката и и’ го препушти златениот медал на Даниела Мојли од Швајцарија.

Инаку, во уметничко лизгање на мраз во слободниот состав Јапонката Шизука Аракава успеа да ги надмине Американката Коен и Русинката Слутскаја.